Специјалниот пратеник на претседателот на САД Кит Келог денеска во Киев изјави дека властите напорно работат на завршување на војната меѓу Русија и Украина.
– Тоа е работа која трае – рече Келог за потенцијалните безбедносни гаранции за спречување на нов руски напад по годишниот Национален молитвен појадок, на кој присуствуваше со други политичари, бизнис лидери и дипломати.
Претседателот на САД Доналд Трамп минатата недела иницира договори за директни мировни преговори меѓу претседателите на Русија, Владимир Путин, и на Украина, Володимир Зеленски, додека руските власти изјавија дека таков самит нема да се случи наскоро.
Трамп во петокот на 22 август, рече дека очекува да одлучи за следните чекори за две недели, ако дотогаш не се закаже директен разговор.
Функционери од повеќе земји во светот во последните неколку дена во Киев изразија загриженост поради мировната акција што ја предводи Вашингтон.
Премиерот на Канада, Марк Карни вчера го посети Киев за да се сретне со Зеленски и да ѝ вети на Украина помош од две милијарди канадски долари.
Германскиот вицеканцелар и министер за финансии, Ларс Клингбајл, пристигна денеска во Киев за да разговара со властите за поддршката на неговата земја за Украина во можен мировен процес.
Тој му рече на Зеленски дека сојузниците на Украина мора да разговараат за тоа што ќе се случи ако Путин сака да ја продолжи војната.
Норвешка вчера ѝ вети на Украина речиси 600 милиони евра помош за системи за противвоздушна одбрана.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала 104 дронови кон северниот и источниот дел на земјата, додека Киев продолжи да со дронови да напаѓа руски рафинерии за нафта и складишта за оружје.