Фото: Пиксабеј

Сончевите зраци се извор на живот, топлина и добро расположение, но за нашата кожа тие можат да бидат и невидливи непријатели. Секојпат кога излегуваме на сонце без соодветна заштита, започнува тивок процес на оштетување, кој не е веднаш видлив, туку се таложи во нашите клетки со текот на годините. Брчките, губењето на еластичноста, темните дамки и нерамниот тен не се само последица од текот на времето – во повеќето случаи, ултравиолетовите зраци се виновниците. Тие не прават разлика меѓу летен ден на плажа и облачно утро во градот: во двата случаја, тие полека, но сигурно оставаат трага на нашата кожа. Изложеноста на сонце е главната причина за предвремено стареење на кожата. Најголемиот дел од вината е кај невидливите ултравиолетови зраци на сонцето, кои ја оштетуваат клеточната ДНК и предизвикуваат фотостареење.
Студија откри дека УВБ-зраците можат да предизвикаат мутации на ДНК по само 10 минути изложеност, додека УВА-зраците – кои навлегуваат подлабоко во кожата – го оштетуваат колагенот и го забрзуваат стареењето. Овие ефекти не се веднаш видливи, но се акумулираат и стануваат видливи со текот на годините. Клетките на кожата апсорбираат фотони од сончевите УБВ-зраци, кои предизвикуваат директно оштетување на клеточната ДНК. УБВ-зраците се оние што предизвикуваат нашата кожа да гори на сонце, а директното оштетување на ДНК може да доведе до кожни заболувања, вклучително и рак на кожата. Главната причина за предвремено стареење на кожата се сончевите УВА-зраци. УВА-зраците исто така ја оштетуваат клеточната ДНК, но тоа го прават индиректно – со активирање на производство на слободни радикали, кои ја оштетуваат нашата ДНК преку механизам наречен оксидативен стрес.
Дури и во облачни денови, до 80 проценти од УВ-зраците стигнуваат до нашата кожа, па затоа заштитата не е потребна само во лето или на плажа. Кремовите за сончање со фактор за заштита од сонце, особено оние со медицински квалитет, обезбедуваат бариера против двата вида зрачење, намалувајќи го ризикот од изгореници од сонце, стареење на кожата и меланом.