Да ставиме крај на оваа работа

Чекав да дојде 18 август, кога мојот пријател, министерот за култура Зоран Љутков, вети дека ќе ја посети меморијалната поставка во чест на Петре М. Андреевски, а по повод мојот постиран текст во кој, врз база на доставени документи од семејството, тврдев дека поставката не се одржува како што треба.

Вети и исполни, и на 18 август најпрвин телефонски ме извести што видел, а видел дека со поставката е сè во ред. Но најважно е што дојде до средба меѓу него и Сергеј Андреевски и, иако имаа спротивни мислења околу тоа дали поставката се третира квалитетно или не, стана целосно јасно: заоставштината на класикот не е во ужасна состојба, иако заслужува многу повисоко, музејски професионално ниво на третман: постојано работно време, во музејски услови и со кустос.

И бидејќи министерот го исполни она што ми го вети, да го исполнам и јас тоа што му го ветив телефонски уште на 6 август: ако се покаже дека вистината не е кај А туку кај Б или дека не е ни кај А, ни кај Б, туку на средина (а јас така ценам, без разлика како цени тој), ќе го сторам следново: 1. Ќе изразам благодарност до него што излезе „на терен“ со свои очи да ја види ситуацијата и со свои уши да го чуе семејството и 2. Ќе му се извинам нему и на сите што се најдоа навредени од мојот текст (меѓу кои и градоначалникот на Демир Хисар, г. Никола Најдовски), сметајќи дека не заслужиле таков однос, по однос на напорите што веќе ги вложиле за поставката да опстане.
Тоа еве и го правам, со целосно јасна свест дека нивото на кое треба да се подигне оваа поставка е далеку од ова сега. Не се сомневам дека тоа ќе се случи и без јавни реакции со „сензационализам од јавни личности“, како што рекоа навредените.
Наскоро почнувам серијал колумни во „Нова Македонија“, па се читаме за убави работи!