Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети Општина Демир Хисар, каде што оствари средба со градоначалникот Никола Најдовски и ги посети институциите од областа на културата што го обликуваат културниот живот во овој регион.
Во рамките на посетата, како што информираат од Министерството за култура и туризам, Љутков ја разгледал меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочил дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна била претставена во јавноста.
-Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована, бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ – изјавил Љутков.
Министерот додал дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, овој објект да го води и за него да се грижи новоформираната невладина организација, или пак да биде под Домот на културата и да се вклучи Министерството со одредена поддршка.
-Петре М. Андреевски не е само писател – тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Нашата задача е да го чуваме, негуваме и гордо да го пренесуваме неговото наследство на идните генерации – нагласил министерот.
Во текот на престојот во Демир Хисар, министерот ги посетил и НУ Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ и Домот на културата „Илинден“ каде што е сместена и библиотеката „Петре М. Андреевски“.
Министерот Љутков престојот во Општина Демир Хисар го заокружил со посета на приватната библиотека „Ал-Би“ во село Бабино и Слепченскиот манастир, кои се сведоштво за културната и духовна традиција на регионот.