Претставата „Delirium Tremens“, копродукција на Театарска работилница Прилеп, освои едно од највисоките признанија на Меѓународниот џез театарски фестивал во „Нишвил“ – награда за најдобро користена музика.
Стручното жири, составено од актерката и режисерка Танис Ковалчук (САД) и театарските критичарки Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ (Србија), оцени дека музиката во оваа претстава е иновативно и органски интегрирана во целокупната изведба. Тричлениот бенд е неразделно поврзан со различните нивоа на реалност и свест на протагонистот, создавајќи уникатна сценска енергија и динамика.
– Музичката изведба придонесе клучно за темпото и ритамот на претставата, толку што впечатокот за соло изведба беше целосно надминат – стои во образложението на жирито.

Со ова признание, „Delirium Tremens“ уште еднаш го потврди местото на прилепската сцена на меѓународната театарска мапа, докажувајќи дека спојот на музика и драма може да создаде моќно и незаборавно театарско доживување.
„Delirium tremens“ е претстава на Благоја Ристески – Платнар, а играат Игор Трпчески придружен од бендот составен од Димитар Ѓорѓиевски – гитара, Методија Костоски – хармоника и клавијатури, Филип Јездиќ – тапани и Борче Миленкоски – саксафон.