Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повтори својата заложба за заострување на санкциите против Русија доколку не се одржи трилатерална средба меѓу него, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин или доколку Русија се обиде да избегне ставање крај на војната.
Зеленски изјави дека во разговорот со Трамп, по средбата на американскиот претседател со Путин во Анкориџ, Алјаска, нагласил дека санкциите функционираат.
– Санкциите се ефективна алатка. Санкциите треба да се зајакнат ако нема трилатерална средба или ако Русија се обиде да го избегне чесниот крај на војната – напиша Зеленски на социјалната мрежа Х, раскажувајќи за разговорот со Трамп.
Кремљ соопшти дека трилатерална средба не била дискутирана.Зеленски, исто така, повика на сигурни и долгорочни безбедносни гаранции за Украина, во кои би биле вклучени Европа и САД. Тој инсистира Киев да биде вклучен во сите преговори што се однесуваат на Украина, особено за територијалните прашања. Моментално, Русија контролира речиси една петтина од украинската територија, вклучувајќи го и полуостровот Крим на Црното Море, кој го анектираше нелегално во 2014 година.
На средбата во Алјаска, Путин и Трамп разговараа за Украина без учество на земјата што Русија ја нападна пред речиси три и пол години. Се очекува Зеленски да одржи директни разговори со шефот на Белата куќа во Вашингтон в понеделник.