КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Македонската кошаркарска репрезентација во романскиот град Орадеа, денеска, од 18 часот, ќе игра со соодветната репрезентација на Романија, во третиот меч во групата Б во претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар.
– Романија е добро позната репрезентација за нас, бидејќи пред десетина дена се сретнавме во Куманово, каде што бевме многу блиску до победа, а натпреварот беше одлучен во последните две минути. Мислам дека со вистински пристап од почетокот на натпреварот до крајот може да се надеваме на добар резултат. Во Куманово покажавме дека можеме да играме против секоја репрезентација, мислам дека и во Орадеа имаме големи шанси за победа. Пристапот кон мечот и енергијата што ја краси оваа доста подмладена репрезентација треба да ни дадат поголема шанса за успех на ова второ по ред гостување во претквалификациите. И искрено се надевам дека со нашата енергија, желба и борба ќе излеземе како победници од овој натпревар – рече Теодор Симиќ, центар на македонската репрезентација, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Двете првопласирани репрезентации од групата Б, во која е и Унгарија, ќе настапат во квалификациите за СП 2027. Г.И.