Гевгелија

Гевгелија

Општина Гевгелија започна со градежните активности за изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација во Урбан Блок 4.4., што ќе се реализира со средства обезбедени од Министерство за животна средина и просторно планирање. Целта на овој значаен проект е обезбедување квалитетна вода за пиење, прифаќање на фекалните води од објектите во овој дел од градот, како и прифаќање на атмосферските води.
Со неговата реализација ќе се обезбедат подобри комунални услуги и ќе се подигне квалитетот на живеење на над 2.500 граѓани што живеат во овој урбан блок во Општина Гевгелија, а и ќе се заштитат животната средина и биодиверзитетот.
– Заштитата и зачувувањето на биодиверзитетот на реката Вардар преку изградба и на фекална канализација, ќе овозможи отпадните води да се прочистуваат во постојната станица и потоа да се испуштаат во водите на Вардар, што е од особена важност за квалитетот на речните води – велат од Општина Гевгелија.
Важноста на проектот ја нагласија и од Министерството за животна средина.
– Со реализацијата на овој и на сите наши проекти, како влада и министерство за животна средина и просторно плaнирање придонесуваме за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава, следејќи ги потребите на граѓаните, а истовремено правејќи сериозен исчекор со кој заедно ги забрзуваме промените кон одржлив развој на економијата и инфраструктурата и поквалитетен животен стандард, еднакво за сите наши граѓани – вели Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина.
Вкупната вредност на проектот за изградбата на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација изнесува 48.233.215 денари, односно 572.179 евра без ДДВ, средства обезбедени од Владата, преку кредит од Европската инвестициска банка.
И во иднина, потенцираат од Министерството за животна средина, остануваат најдобар партнер за реализација на проекти во сите општини во Македонија!