ОТКРИТИЕ НА АВСТРАЛИСКИ НАУЧНИЦИ
Долг е околу четириесет сантиметри и тежи малку помалку од топка за голф – тоа се карактеристиките на новооткриениот инсект во Австралија, кој би можел да биде најтешкиот претставник на својот вид на планетата. Пронајден е на висорамнината Атертон во северен Квинсленд, на голема надморска височина, а неговото откритие им се припишува на професорот Ангус Емот од Универзитетот „Џејмс Кук“ и на Рос Капланд, коавтор на студијата.
Идејата да го бараат најтешкиот инсект им дошла кога Капланд добил фотографија од гореспоменатиот примерок од социјалните мрежи, а потоа била организирана вистинска потрага по него, која траела неколку ноќи. Конечно, во шумите на висорамнината, пронашле женски инсект, кој успеале да го фатат со стап и да го спуштат од дрво.
Видот на кој припаѓа женката е Acrophylla alta и тоа е најголемиот стапчест инсект некогаш пронајден во Австралија. Експертите веруваат дека неговата тежина е многу поголема од онаа на другите слични инсекти поради специфичноста на живеалиштето во кое живее. Ниските температури и високата влажност што преовладуваат во оваа област може да придонесат за развој на поголеми инсекти, кои се подобро адаптирани за преживување во такви услови. Тој џиновски вид не е откриен досега бидејќи областа во која живее е многу недостапна. Експертите веруваат дека ова откритие би можело да придонесе за подобро разбирање на биодиверзитетот на Австралија.
Никол Гантер, ентомолог во Музејот на Квинсленд, рече дека откритието на Кук и Капланд е важно за зачувувањето на видот, бидејќи без негова идентификација би било невозможно да се обезбеди соодветна заштита за овој џин. Научниците сега се соочуваат со тешката задача да пронајдат мажјак со тежина на топка за голф во истата област за официјално да потврдат дека станува збор за нов вид инсект. Топката за голф не може да тежи повеќе од 45,93 грама.