Во овој серијал текстови ги разгледуваме и презентираме ставовите од издание на весникот „Автономна Македонија“ од 1903 година за конститутивниот носител на националниот, политичкиот и религиозниот живот во слободна автономна Македонија и неговaта артикулација во контекст на идентитетот на Македонците како оформен ентитет
Ексклузивно: Осврт кон содржините на весникот „Автономна Македонија“ од 1903 година
Покрај тоа што весникот „Автономна Македонија“ ги афирмира македонскиот говор и македонското културно творештво, во историско-идентитетска смисла тој го поврзува македонското население со Старите Македонци и Александар Велики. Така, во предвечерието на востанието, во еден напис во кој се зборува за херојските подвизи и слободарските идеи на „македонските чети“ пишува дека населението што од своите средини дава „синови“ што го носат „печатот на Старите Македонци“ не е осудено да изгине. Притоа се додава дека без оглед што на извесни моменти се создавал впечаток за некакво затишје, тоа не значело дека „духот на Македонецот згаснал“.
Под споменатата дописка стои потпис – четник, што значи дека тоа било само чувство и размисла на еден македонски четник и неговите соборци од теренот, а не на канцелариски редактори и автори. Во контекст на конекцијата што весникот повремено ја гради со античкото минато на Македонија, особен впечаток остава воведната (редакциска) статија од 30 август 1903 година. Со оглед на фактот што статијата излегува во време кога востанието во Битолскиот округ е жестоко потиснато, редакцијата во името на словенската солидарност со Македонците ги повикува на помош Бугарите, Србите, Црногорците и другите Словени, истовремено апелирајќи Бугарија и Србија да ѝ објават војна на Османлиската Империја. Во статијата меѓу другото пишува: „Ако Македонецот денес е заборавен, историјата ќе води сметка и ќе запише дека тој кога умираше од јатаганот на својот џелатин пред очите на оние што можеа и требаше да му помогнат беше оставен на својата зла судбина…, да умира, да се валка во сопствената крв. Треба ли ние да останеме рамнодушни пред борбата, да се самоубиеме? Одговорот за нас е негативен. Кога нам ни се налага да прифатиме заштита на угнетените Македонци, ние треба со драго срце да го направиме тоа. Нам ни е големо задоволство да обележиме дека Александар Велики, тој цар на вселената, што ги посведочил добродетелите на словенското племе, кога кажал дека Словените носат херојски срца, и поради тоа заслужуваат да го носат великото име Славјани, што значи славни. Пред да умре, тој наш велик завештател изјавил дека го преколнува секој што во иднина би ги злословувал Славјаните. Поради нивните воинствени квалитети, тој им ги завештал сите земји од Јадранско Море до океанот на сите ледови. Освен тоа, тој ги заколнал своите небесни покровители да ги чуваат од несреќи и постојано да им притекнуваат на помош на дванаесетте кнеза, потомци на неговите дванаесет другари. Сега, ако Македонците не се во положба сами да го запрат своето истребување и да ја подобрат својата положба, тогаш Бугарите, Србите, Црногорците и другите Славјани се должни да им притекнат на помош на тие браќа по крв и по вера, на оние што се родени од ’мајка дојна’ (Македонија)…“.
Без оглед што пласираната теза е анахрона и неисторична, во случајот битен е политичкиот моментум кога заради етаблирање на Македонците меѓу другите народи, весникот ги поврзува македонските корени со славното минато на македонска територија, притоа игнорирајќи ги тезите од околните политички центри, кои повикувајќи се на некакви историски права манифестирале отворени претензии кон земјата и народот за кои тврделе дека им припаѓаат ним, но во исто време воделе меѓусебни преговори за нивна поделба. „Автономна Македонија“ поаѓа од тезата дека Македонците ѝ припаѓаат на словенската група на народи на Балканот, какви што според нив биле Бугарите, Србите, Црногорците и другите, и затоа ги повикува тие да ја поддржат борбата за автономија на Македонија на Македонците, дури и со објавување војна на Османлиската Империја. Така, во воведната статија од 23 август 1903 година, весникот шпeкулира дека Бугарија, Србија и Црна Гора требало да формираат политички сојуз и да објават војна за извојување „автономна управа“ за своите браќа под турска управа, без да ги прошируваат своите територии, туку да ја остават „автономна Македонија за Македонците“ како „самостојна единица – државичка во Балканскиот сојуз – федерација“.
Притоа весникот истакнува додека во Македонија се пролева братска крв, и додека се слушаат грмежите на топовите и пушките, никој нема право да расудува дали востанието било навремено или не, дали ќе има територијални или државни придобивки, и ги повикува балканските земји да се откажат од неостварливите „мегали идеи“ за да помогнат за ослободување на Македонците. Од друга страна, весникот изразува „поклон пред јунаците што го издигнале македонското име, поклон пред мачениците за слобода, кои умираат по планините и лежат по затворите“. На крајот апелира балканските држави да престанат со меѓусебните интриги и искрено да се зафатат за неутрализирање и решавање на македонското прашање врз принципот на рамноправна држава во една балканска федерација помеѓу Бугарија, Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Автономна Македонија“ со особен интерес го следи, поддржува и го афирмира српско-бугарското приближување за време на Илинденското востание, кое било иницирано од Србија, врз основна на идејата за слободна автономна Македонија. Во таа смисла, весникот најпрво прави куса ретроспектива на идејата за српско-бугарски сојуз, притоа потсетувајќи и на српско-бугарската спогодба од 1897 година, која не се реализирала зашто не била заснована врз „хумани основи“, туку на идејата за „делба, за да не кажеме грабеж, на Македонија“.
Меѓутоа, бидејќи овој пат идејата за српско-бугарското братство била поставена врз принципот за „автономија на Македонија“, весникот со восклик пишува: „Дали може срцето да не биде преполно со радост? Дали може да нè ликува секое бугарско, српско и македонско срце, кога сите си подаваат братска рака и се заколнуваат да војуваат заедно против азијатскиот тиранин за слободата на несреќната, но славна Македонија? Не може да има посвечен ден за Јужните Славјани од оној кога тие ќе се обединат, а помеѓу нив се преплита младата, пргава, енергична Македонија, која ги обединува и ниту за момент не им дава помисла за раздори и непријателства“.
Во тој дух весникот во продолжение пишува: „Зошто Македонија да не биде самостојна и независна како нас, зошто таа да не биде четвртата славјанска сестра на Балканот? Ќе настапат денови на среќа, мир и слобода. Ќе настапат денови за култура, просвета и народно сознание. Врските меѓу Јужните Славјани ќе се засилат и сите, соединети преку целокупната слобода и автономија на Македонија ќе одат напред со мир и љубов и ќе станат заемни стражари на татковината, на народните интереси, на својата слобода“.
Наполно експлицитни ставови во контекст на претставувањето на Македонците како оформен ентитет, какви што биле Бугарите, Србите, Грците, Романците итн., весникот „Автономна Македонија“ застапува во воведната статија од 5 октомври 1903 година. Заговарајќи дека слободните балкански државички треба да ѝ објават војна на Османлиската Империја за да го помогнат ослободувањето на Македонија, во воведникот меѓу другото пишува: „Тогаш дали не е престап од балканските државички, кои претендираат дека во Македонија и другите турски области живеат нивни браќа – сонародници, да чекаат уште, кога треба сите заедно да ѝ објават војна на Турција, кога е востанат македонскиот народ, па да се предизвика вмешување на големите сили, потписниците на Берлинскиот договор, каков што беше случајот со Крит во 1897 година?“
Меѓутоа, имајќи ги предвид територијалните и етничките претензии на соседните балкански држави кон Македонија, весникот истакнува: „Најсветата должност… на балканските државички им налага да се откажат од секакви територијални проширувања и заедно да помогнат и да ја извојуваат слободата на Македонија за Македонците, бидејќи секакви други ветувања и признавање народности не само што претставуваат фиктивна добивка туку и предавство по однос на слободата на своите поробени браќа“. Оттука, весникот продолжува: „Народите востануваат со вера и надеж, дека ќе им помогнат хуманите држави, макар и не еднакви по племе и вера за извојување слобода. Дали Македонците нè востанале со вера и надеж дека нивните слободни браќа: Бугари, Срби, Грци и Романци ќе им помогнат за извојување на автономијата на Македонија за Македонците?!“
Без оглед што весникот „Автономна Македонија“ го поддржува српско-бугарското приближување во интерес на македонската кауза, сепак, не ги испушта од предвид нивните интриги, манипулации и претензии кон Македонија и пошироко во регионот, при што настојува да ги демаскира разните шпекулации, поради што истакнува: „Стравот дека Македонија може да се присоедини кон Бугарија, или Босна и Херцеговина кон Србија, или пак ако останат како одделни единици на Балканскиот Полуостров, дека Македонците ќе станат Бугари, а Бошњаците – Срби, е неоснован по многу причини, за да не кажеме злобен од завист“.
Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
(продолжува)