Континуитетот на преродбата и револуцијата: Од Разлог и Кресна, преку Илинден, до НОБ/НОВ и АСНОМ (визија, чин, искуство и традиција на револуцијата)
„Македонија – преродба, револуција и државност“ е проект за издигнување на свеста на младите генерации (основци, средношколци и студенти) во врска со славните преродбенски, револуционерни и државотворни вредности и придобивки за историјата, јазикот, името, културата и традицијата на Македонија и Македонците. Проектот е раскажување на македонската бренд-приказна за поединечната и колективната меморија, за нашите учебникари, просветители, преродбеници, комити, војводи, револуционери, партизани, народни херои… Приказна за нивната посветеност, храброст, одважност… Приказна за нивната беспоштедна борба и саможртва, низ десетлетија и векови. Во неа, во нашата македонска приказна, се содржани колективното паметење, старите ракописи, симболите, митовите, преданијата, културните вредности и духовното богатство и наследство на Македонија од искон до вечност. Слоганот на проектот е „Македонски корени, асномски перспективи“. Проектот се темели на нашиот вековен непокор, за простумот на нашите попови, селани, учители, на еснафите и интелигенцијата и за опстојувањето на напатениот народ – македонски народ.
Борбата на македонскиот народ за национално ослободување и создавање своја држава помина низ долг и тежок пат. Тој пат беше комплициран, ама борбата одлучна и непоколеблива – борба за самоопределување, чија есенција се македонскиот јазик, национална територија, национален идентитет и државен суверенитет. На тој пат и во таа борба, одлучувачка улога одигра македонската преродба. Македонската преродба во најширока смисла на зборот претставува збир на вековни, животни и духовни пориви на македонскиот народ во борбата за своето животно и национално опстојување и ослободување.
Со тие пориви и таа борба низ историјата македонскиот народ создал пет просветни/културни/книжевни школи: Школата на светите Климент и Наум Охридски; Школата на Миладиновци; Школата на Крсте Петков Мисирков; Школата на Коста Солев Рацин; и Школата на Блаже Конески. Тој милениумски растег од првоизворите на создавањето на нашата просветна и културна традиција е време во кое во генетскиот систем на Македонецот, просветителите и описменувачи светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици светите Климент и Наум, внеле елементи на надареност, позитивна енергија и високи вредности за повеќе области на општественото дејствување.
Македонецот со својот бистар ум и витален творечки дух создавал народно творештво во книжевноста, црковното сликарство, резбарството и градителството. Тој низ векови ја развивал свеста дека трае и истрајува создавајќи, но и дека преку создавање добра и вредности истрајува и опстојува низ времето. Значи, преродбата е целина од писмото, јазикот, книжевноста, уметноста и културата воопшто, кои ги создал народниот гениј, заедно со просветителите, учебникарите, преродбениците и револуционерите. А знаеме, со таа содржина и есенција се изборени националната самобитност, слобода и државност. Затоа, некој збор повеќе за револуционерните борби, револуционерните чинови, револуционерните искуства и револуционерните традиции на македонскиот народ.
Револуционерните традиции од борбата на македонскиот народ се есенцијата на неговата Народноослободителна борба за национална и социјална слобода. Тие поттикнуваат и инспирираат на акција и непокор. Сплотуваат и обединуваат во борба за национално, културно и духовно ослободување од вековен гнет. Претставуваат вистинска нишка на континуитет на револуционерната борба на македонскиот народ – борба за слобода и борба за своја независна држава. Таа вековна борба има свој историски и временски континуитет.

Македонското востание
Револуционерниот чин во дејствувањето на македонскиот народ е од круцијално значење. Светлите револуционерни примери (Димитар Поп Георгиев Беровски, поп Стојан Разловски, поп Коста Буфски, Дедо Иљо Малешевски, Стефо Николов, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Питу Гули, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Пере Тошев, Христо Узунов, Никола Карев, Кузман Јосифовски–Питу, Стив Наумов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Коце Металец, Методија Андонов–Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Димитар Влахов и многу други) имаат инспиративно влијание на широките народни маси.
Револуционерните искуства од востанијата и буните се мобилизирачки чин, сигнал и повик за дејствување и акција во револуционерниот континуитет, од една мината фаза, во друга идна светла епопеја. Сите заедно придонесуваат за канализирање на прогресивните движења и насочуваат кон вистинскиот пат на развојот на секое ослободително движење. Истовремено ги поттикнуваат основните насоки и устреми на слободољубивите, револуционерни и прогресивни идеи, кои го преобразуваат целото општество и го прават подобро.
Така, Илинден 1903 е револуционерен израз на континуитетот на борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување, носејќи во себе нишка и пораки на Разловечкото и Македонското (Кресненско) востание од 1876-та и 1878-та. А воздејството на Илинденското востание во/со НОБ/НОВ се јавува силно и многустрано. Тоа е светол акт на патриотско поврзување и пиетет кон Илинден. Но Илинден е и многу повеќе од тоа, бидејќи е и органска потреба на новите револуционерни содржини и барања. Нив, веќе во 1924 г. прв ги претскажа Димо Хаџи Димов во неговата студија „Илинденското востание и поуките од него за сегашните македонски револуционери“.
Илинден 1903 носејќи во себе дел од Разлог и Кресна и самиот е револуционерен израз на континуитетот на борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. Храбрите илинденски борци, нивната беспоштедна револуционерна борба и пораките што ги испратија за сите нас, европската и светската јавност, ќе имаат силна рефлексија во идните револуционерни движења во Македонија. Не е случајно што македонската историографија недвосмислено констатираше, за век и веков, дека големината на историските настани најсугестивно се изразува во трајноста на нивното воздејство. Илинден 1903 ја имаше судбината да биде таков настан – да значи многу и за своето време и за иднината.
Затоа Илинден 1903 е редок историски настан (Д. Митрев). Најзабележителна страница на историјата на македонското националноослободително движење и сенароден македонски стремеж во борбата за национално и социјално ослободување (Х.А. Полјански). Неговите содржини и илинденските револуционерни особености и традиции се покажаа како пресвртен чин и патоказ во НОБ. Тој епохален миг и историски чин го зазеде челното место во врвиците на македонската слободарска традиција. Не случајно, Арсени Јовков во 1923 година го означи Илинден како историски пиедестал за изградување на идната македонска слобода.
Во револуционерниот илинденски чин времето на иднината визионерски беше навестено со Илинденскиот факел на слободата. Најпрвин, Илинден 1903 се чествувааше и беа организирани илинденски демонстрации во сите градови на Македонија, како Скопје, Битола, Прилеп, Куманово, Охрид, Велес, Ресен, Струмица и Неготино. Така, илинденската слободарска традиција како црвена нишка се вклопи во континуитетот на Народноослободителната борба, и тоа како скапоцено позитивно искуство (М. Апостолски). Потоа се случи 11 октомври, востанички, борбен и револуционерен чин и миг, кој ги навести слободата и создавањето национална држава. Следуваше Народната и социјалистичка револуција на македонскиот народ предводена од партизанските одреди на војската на НОВ. На крајот, овие светли епопеи се втемелија во вториот Илинден – создавањето на АСНОМ, што претставуваше изградување и конституирање на Македонија како самостојна и независна држава.
Илинденскиот факел 1903–1944 преку својот континуитет ги реализираше и илинденскиот завет и идеал – слобода за македонскиот народ и самостојна независна македонска држава. Овој идеал го прифатија новите македонски генерации и го понесоа факелот, како македонски светилник, во новите илинденски борби.
Македонските визионери беа во право: Земјата што го даде Првиот, го даде и Вториот Илинден. Најпрвин ги имавме Крушевскиот манифест и Крушевската Република, а како нивен природен историски и национален континуитет се надоврзаа НОБ/НОВ и АСНОМ со своите државотворни решенија и одлуки, со декларацијата и правилникот.
На знајните (напред наведени и многу други) и незнајните херои од предилинденскиот период и од двата Илиндена им го посветувам овој серијал за Македонците, Македонија и нејзините светилници. Илинденците и асномците го имаат своето истакнато место во пантеонот на вечноста на Република Македонија. На ден Илинден се гордееме со нив, ги носиме во срце и со себе, вечно сме им благодарни и се поклонуваме пред нив и нивното револуционерно и државотворно дело.
Автор: Сотир Костов