Вчера почна и ЕП за ракометарки до 17 години во Црна Гора, на кое настапува македонската репрезентација (во група со Германија, Словачка и со Португалија). Во август на програмата се и СП за младинци во Египет, јуниорските Панамерикански игри во Парагвај, Азиското јуниорско првенство во Узбекистан, Светските игри во ракомет на песок во Кина…, пишува ИХФ
Август ќе донесе повеќе драма и возбуда во светот на ракометот, а најважниот настан ќе биде Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години во Египет од 6 до 17 август, со 32 репрезентации, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ). На 11-то издание на младинското СП 2025 титулата ќе ја брани Шпанија од првенството во 2023 година, како и шампионот од претходното издание, Египет, кој победи на СП 2019 во Македонија.
Вчера почна и првото Европско првенство (ЕП) со 24 репрезентации за ракометарки до 17 години, во Подгорица (Црна Гора), на кое игра и македонската репрезентација. ЕП 2025, кое на програмата е до 10 август, ќе биде и квалификациски турнир за Светското првенство за млади во 2026 година, на кое ќе настапат првите 14 селекции од континенталниот шампионат, пишува ИХФ.
Репрезентацијата на Македонија на ЕП 2025 е во групата Б, со селекциите на Германија (играа меѓу себе синоќа), Словачка (мечот е денеска, од 14.30 часот) и на Португалија (в сабота, од 19.30 часот). Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во главната групна фаза.
Второто издание на јуниорските Панамерикански игри ќе се одржи во Асунсион (Парагвај) од 7 до 23 август, а ракометот ќе биде во срцето на континенталниот мултиспортски настан, пишува ИХФ. Ќе настапат по осум селекции во машка и во женска конкуренција.
Десет репрезентации ќе играат на Азиското јуниорско првенство во Узбекистан од 20 до 29 август, пишува ИХФ. Во прелиминарната рунда селекциите ќе бидат поделени во две групи. Ова натпреварување е квалификациски настан за Светското јуниорско првенство во 2026 година.
Сезоната на ракомет на песок ќе биде во полн ек, Светските игри ќе се одржат од 7 до 17 август во Кина, а во машка и во женска конкуренција ќе учествуваат по осум репрезентации, пишува ИХФ. Н.М.