Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство, Азир Алиу најави воведување ново софтверско решение кое ќе ја олесни комуникацијата и движењето на пациентот низ здравствениот систем.

-Апликацијата ќе овозможи пациентот во секое време да внесе здравствени индикатори, врз основа на кои матичниот лекар или специјалист ќе може веднаш да реагира – со менување на терапијата или давање препораки за натамошно лекување. Ако системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира – истакна Алиу во денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77,.

Додаде дека апликацијата е дел од севкупната стратегија за дигитализација и оптимизација на здравствениот систем, а се осврна и на усогласување на 12 закони за зголемена транспарентност и ефикасност.

Дополнително, министерот ја најави и дисперзијата на онколошките услуги надвор од Скопје, со што третманот на онколошки пациенти ќе биде достапен и во болниците во Штип, Тетово, Битола и ГОБ „8 Септември“.

-Во завршна фаза сме со протоколите. Почетно, лекувањето ќе биде асистирано преку телемедицина од Скопје, но наскоро очекуваме во овие центри да се воспостават и ЦТ симулатори, со што пациентите ќе добијат квалитетна услуга поблиску до своите домови – нагласи Алиу.