За способноста на една нација да ги надмине поделбите и да работи здружено за доброто на сите граѓани

Политичарите се осврнуваат на националното единство во нивните обраќања кога сакаат да го обединат народот зад таквата идеја, но можат да се сретнат и отстапувања од изворното значење, кога политичките функционери посегаат по тоа единство според нивните лични интереси, вообичаено кога се соочуваат со незадоволство од народот. Ние имавме сличен пример и во Македонија кога народот го игнорираше Преспанскиот договор за менување на државното име, а тогашните носители на власта го правдаа прифаќањето на спогодбата со Грција со искривени дефиниции за националното единство, како и со прием во НАТО, а понатаму и во Европската Унија, во обид да се заштитат себеси и своите функции

Националното единство е јасно и едноставно дефинирано преку способноста на една нација да ги надмине поделбите и да работи здружено за доброто на сите граѓани. Ваквиот заклучок е изнесен во дефиницијата на поимот и при пребарување на интернет, а веројатно сите знаат што значи во суштина. Политичарите се осврнуваат на националното единство во нивните обраќања кога сакаат да го обединат народот зад таквата идеја заради одбрана на националните интереси. Сега веќе поранешниот канадски премиер Џастин Трудо повика на национално единство во февруари кога Канада се соочи со зголемени царински тарифи од САД, а деновиве во Иран спикерот на националниот парламент Мохамед Калибаф порача оти „националното единство ќе биде најсилниот штит на државата против агресијата на непријателите“. Тоа можеме да го кажеме и во Македонија, сметајќи дека националното единство ќе послужи за одбрана од oдредени соседски политики што директно и отворено се насочени против македонскиот идентитет и народ.
Но можат да се сретнат и отстапувања од изворното значење на дефиницијата, кога политичките функционери апелираат за национално единство според нивните лични интереси, вообичаено при соочување со незадоволство од народот. Па така, украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата повика на национално единство додека демонстранти беа на улиците во повеќе од десетина града низ целата земја за да протестираат против контроверзниот закон за кој критичарите велат дека ќе ги неутрализира двете клучни антикорупциски агенции на Украина. Ние имавме сличен пример и во земјава, кога народот се побуни против Преспанскиот договор за менување на државното име, а тогашните носители на власта го правдаа прифаќањето на спогодбата со Грција со помош на искривени дефиниции за национално единство, како и со приемот на државата во НАТО, а понатаму и во Европската Унија, во обид да се заштитат себеси и своите функции.

Сосема спротивно на ваквата погрешна практика, во Кина националното единство се става пред поделбата на власта и на функциите во тамошниот еднопартиски систем. Во азиската велесила, на пример, им се придава големо значење на националното единство, централизацијата и обединетото лидерство во кое Комунистичката партија ја има водечката улога. Кина се придржува до идејата за единство наместо за поделба на власта, што на Западот се толкува како карактеристика на затворен или авторитарен систем. Но тамошната демократија, како што велат кинески универзитетски професори што се занимаваат со оваа тематика, не е конфронтациски систем како оној во западните земји, каде што има „повеќепартиска конкуренција и дводомен парламент“.
Таквата определба претставува одраз и на конфуцијското гледиште за важноста на образованието и моралот во општеството заради создавање стабилност. А под влијание на конфуцијанизмот, општествената стабилност и хармонија се претпочитани во однос на отворената политичка конкуренција. Кинескиот систем не може да се копира, но може да се прифати неговата мудрост за да се создаде национално единство, како што вели кинеската научна заедница.
Бројноста на населението на Кина, кое надминува 1,4 милијарда, во Пекинг честопати се потенцира при објаснување на државното управување и функционирањето на општеството, со што се нагласува и важноста на националното единство меѓу кинеските жители за да се постигнат хармонија, благосостојба и напредок. Затоа кинеските власти се залагаат за силно заедништво меѓу 56-те етнички групи во државата, кое се зацврстува преку многубројни развојни иницијативи во руралните средини, вклучувајќи ги културната размена и инклузивните економски политики. А се нагласува и улогата на кинеските медиуми во создавањето национално единство, сметајќи дека присуството на голем број медиуми со различна агенда не може да придонесе за унификација на државата.

И „Нова Македонија“ како прв македонски дневен весник нераскинливо поврзан со македонската државност, што ревносно се залага за одбрана на националните интереси, укажува на потребата од национално единство врз основа на консензус при градењето на долгорочните стратегиски политики на македонската држава и нација. Повод за истакнување на ваквата идеја претставуваа и размислувањата на поранешниот пратеник Илија Димовски, кој нагласи дека националното единство не треба да биде базирано на политички фолклор или на фалење меѓу политичарите и политички партии, туку врз база на научна подлога, која како своја граѓа ја имаме, но треба да се постави како фундамент.
Националното единство се однесува на состојба на општествена кохезија каде што граѓаните на една нација делат чувство на заеднички идентитет, цел и солидарност, честопати и покрај разликите во потеклото или политичките ставови. Народот во Македонија го знае тоа, но вреди и да се потсети на изворната дефиниција наспроти политички мотивираните обиди таа да се промени.