Дуетот Ана Петановска и Дадо Топиќ победи на фестивалот „Бисер на Јадранот“, што се одржа вчеравечер во Тиват, Црна Гора. Првата награда им ја донесе песната „Небо“, за која музиката ја напиша Григор Копров, текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски, братот на Ана.
– Не ми се верува дека снимив дует со Дадо Топиќ, оваа песна е голема шанса за мене. Растев со неговата музика покрај моите родители, па овој дует е голема одговорност и, секако, предизвик. Неизмерно сум му благодарна на Копров, кој ми ја даде оваа можност. Кога ја слушнав песната, ми поминаа морници, романтична е и многу моќна – рече Ана Петановска, непосредно пред фестивалот.
Таа на социјалните мрежи им се заблагодари на сите на поддршката и напиша: „Ви благодарам од срце мили луѓе, за сите коментари, желби, честитки и несебична поддршка . Огромна благодарност до фестивалот, Дадо Топиќ и до Григор Копров за искрениот ветер во грб и за целиот ангажман“.
И за Дадо Топиќ оваа соработка со талентираната Ана била вистинско задоволство.
– Мотото на фестивалот годинава беше „Тиват го спојува регионот“, и навистина беше така, со многу мои драги колеги се дружев деновиве. Песната „Небо“ која ја пеев со Ана ми се допадна „на прва топка“, нејзиниот глас е реткост во денешно време. Без оглед на тоа колку награди сум добил, на секоја ѝ се радувам како да ми е прва – вели Дадо Топиќ.
Григор Копров и Дадо Топиќ се стари пријатели и соработници. Во 2023 и 2024 Топиќ беше гостин на фестивалот „Охрид фест-Охридски трубадури“, чиј директор е македонскиот композитор. Лани, Топиќ во Охрид прослави 60 години кариера и ја изведе песната „Македонија“. Годинава, „Охрид фест“ ќе се одржи на сцената на „Долни Сарај“ на 29 и на 30 август.
Петановска имаше одличен настап на еден од најпознатите поп фестивали во регионот, Сплитскиот фестивал со песната „Кога ноќта ќе го сретне денот“ (Kad noć sretne dan), за која музиката ја напиша Григор Копров. Нејзиниот брат Стефан Петановски е аранжер на песната, а текстот е на Роберт Пилепиќ. М.Т.