ВЕРУВАМЕ ДЕКА ФИЛМОТ ИМА МОЌ ДА ПОТТИКНЕ ПРОМЕНИ
Краткиот документарен филм „Земја“ во продукција на ОПИУМ филм, а во режија на Кирил Карашаш и Светислав Подлешaнов претставува визуелен приказ на животот на 400 деца кои што живеат и се школуваат покрај токсичен отпад од 15 илјади тони арсен.
Истиот е селектиран за учество на еден од најголемите и најреномирани фестивали за документарен и краткометражен филм во регионот на Југоисточна Европа, ДокуФест (DokuFest) кој годинава по дваесет и четврти пат ќе се одржи во Призрен, Косово, во периодот од први до деветти август.
Краткиот документарен филм „Земја“ ќе учествува на пичинг форумот за краток филм од 4 до 6 август, каде ќе биде претставен пред меѓународната филмска јавност, со цел добивање на финансиска, продукцикса и фестивалска поддршка
Селекцијата на „Земја“ претставува значајно признание за македонската документарна продукција и уште една можност за афирмација на домашните автори на меѓународната сцена.

– За нас, како млади и еколошки свесни автори, ова учество значи многу повеќе од филмска промоција – тоа е можност да алармираме за една од најтоксичните еколошки катастрофи во регионот. Преку приказната за Лојане, сакаме да ја подигнеме јавната свест за невидливиот, но постојан отров што секојдневно го вдишуваат стотици деца. Веруваме дека филмот има моќ не само да информира, туку и да поттикне промени – и токму тоа е нашата мисија-вели режисерот Кирил Карашаш.
Филмската продукција ОПИУМ основана е од Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, а посветена на создавање поетски филмови и креативни документарци, како и на соработка со млади креативци од различни уметнички дисциплини.
Во моментов нивниот долгометражен филм „Железен човек“ е во фаза на постпродукција, поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија и е развиван преку бројни европски филмски форуми, работилници, фестивали и филмски маркети. Во нивна продукција се и краткиот документарен филм „Водата“ во 2018, долгометражниот игран филм „Обожение“ во 2016, а во 2021 ОПИУМ се јавува како копродуцент на украинскиот игран филм „Празникот на хризантемите“ со сцени снимани во „Спомен-костурницата“ во Велес и „Македониумот“ во Крушево. Веќе девет години, продукцијата активно организира и менторира филмски работилници и предавања за млади низ Македонија, со фокус на филмската уметност, документаристика и сродни аудиовизуелни форми. Продукцијата го основа и реализира „Центарот за интердисциплинарни активности“, номадска резиденција поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, , посветена на вмрежување и соработка меѓу автори од различни уметнички и научни области.