Фото: Руско МНР

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за време на неговата посета на Северна Кореја ги предупреди САД, Јапонија и Јужна Кореја да не соработуваат во сферата на безбедноста и да не преземаат акции против Северна Кореја – соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

Министерството објави фотографија на двајцата функционери заедно на средбата во пристанишниот град Вонсан.

Рускиот министер за надворешни работи, исто така, се сретна и со неговата севернокорејска колешка, Чо Сон Хуи.

Претходно денеска, Лавров изјави дека севернокорејското раководство ја потврдило „безрезервната поддршка за сите цели“ што Русија си ги поставила во конфликтот со Украина.

Русија и Северна Кореја ги продлабочија своите односи во контекст на конфликтот во Украина. За време на неговата посета, Лавров им се заблагодари на „херојските“ севернокорејски војници кои ѝ помогнале на руската армија во потиснувањето на украинските сили од руската Курска област, во која тие навлегоа во август 2024 година – соопшти руското МНР.

Руската агенција за регулација на воздушниот сообраќај „Росавиација“ ѝ дозволи на авиокомпанијата „Нордуинд Ерлајнс“ да врши до два лета неделно меѓу Москва и Пјонгјанг. Рускиот министер за надворешни работи денеска го поздрави ова обновување и изјави дека „има планови за обнова и на поморските транспортни врски“.