Фото: З.А.

Собирачите на печурки и годинава останаа пократки за планираните количества вргањ, лисичарка и јајчарка и за проектираната заработка за подобрување на домашниот буџет.
Според печуркарите и откупувачите во овој регион причината за слабиот принос на печурката лежи во ниската почвена влага која не е доволна, за да може овие габи да ги има во многу поголем број.

-И овој јуни родот на печурките во кичевско е разочарувачки, а причините лежат во ниската влага во почвата и студените ноќи кои ги имавме во минатиот период. Под дабовата шума каде што претежно растат овие габи, влагата е речиси сведена на нула. Двата основни предуслови за добар род на овие печурки се топлите ноќи и високата влага во почвата, која за жал овој јуни во целост изостана – вели Стојко Милошески, откупувач и собирач на печурки, еден од најдобрите познавачи на печуркарството во регионот.

Јане Јанески појаснува дека поради должината на денот и ноќта во јуни се смета дека овој период е најпогоден за добар принос на печурката кој поради ниската влага речиси целосно потфрли.

-Откупувачите и овој месец нема да имаат можност да заработат повеќе бидејќи количините што ги нудат собирачите се премали. Извозниците бараат поголеми количества со кои би ги задоволиле потребите на странските партнери, кои традиционално ја откупуваат македонската печурка – додава печуркарот.

Инаку малата количина лисичарка месецов беше откупувана по 300 денари за килограм, додека вргањот се продаваше по 250 денари килограм, во свежа состојба. З.А.