Официјално беше потпишана стратегиска соработка помеѓу Шпаркасе Банка АД Скопје и Националната опера и балет (МОБ), како дел од платформата за општествена одговорност, Sparkasse Life. Партнерството има цел да даде клучна поддршка кон развојот на културата, да ја приближи уметноста до пошироката публика и да придонесе за збогатување на културниот живот во земјата преку низа настани и
активности во текот на годината.
Оваа година за двата соработници носи посебна симболика – 200 години од основањето на матичната групација на Шпаркасе Банка АД Скопје, Штаермеркише Шпаркасе, реномираната австриска банкарска институција со голема традиција, искуство и трајни вредности, но и 200 години од раѓањето на музичкиот великан, Австриецот Јохан Штраус II, чија уметност и денес ја воодушевува светската публика. Обединети под знакот на истрајност, визија и културно наследство, овие два значајни јубилеи се одбележуваат со музика, партнерство и заедничка посветеност на иднината.

– Партнерството со Националната опера и балет е доказ дека традицијата и иновацијата треба да се надополнуваат и во културата, и во банкарството. Горди
сме што токму во годината на големиот јубилеј, оваа соработка ќе започне со
спектакуларен летен концерт на отворено и што заедно со Националната опера и
балет ќе им понудиме на граѓаните уникатни културни доживувања. Sparkasse Life е
нашата платформа преку која инвестираме во луѓето и заедницата, таму каде што
вистински значи – изјави г. Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на
Шпаркасе Банка АД Скопје.
Оваа соработка ќе започне со организирање летен вечерен концерт „Од МОБ за Скопје!“ во чест на 200-годишнината од раѓањето на Јохан Штраус II, кој ќе се одржи на 5 јули 2025 година, на плоштадот „Мајка Тереза“ во Скопје, под диригентство на маестро Винценц Праксмарер, каде што Шпаркасе Банка е ексклузивен спонзор. На сцената ќе настапат солистите Бригита Симон (сопран) и Иван Наумовски (баритон), како и Оркестарот на Националната опера и балет. Влезот за настанот е бесплатен, но со задолжителна регистрација на следниот линк.
– Потпишувањето на договорот за соработка претставува повеќе од финансиска
поддршка. Тој е јасна потврда дека културата е вредност што заслужува внимание и
вложување. Ова партнерство е пример како приватниот сектор може да биде стратешки сојузник во развојот на уметноста и зачувувањето на културниот идентитет. Уверени сме дека оваа поддршка ќе овозможи уште поголеми уметнички достигнувања и ќе ја доближи нашата работа до пошироката публика. Во име на целиот колектив на МОБ упатувам искрена благодарност за довербата, визијата и поддршката. Заедно да создаваме уметност што инспирира! – изјави г. Оливер Арсовски, генерален директор на Национална опера и балет.
Платформата Sparkasse Life ја промовира културата, уметноста, општествената одговорност и вредностите што ги носи заедничкото вложување во иднината.
Потпишувањето на договорот за соработка го означува заедничкото настојување на двете институции да придонесат кон збогатување на културниот живот во земјата и создавање можности за поширока публика да ужива во уметноста на високо ниво.
Ова партнерство претставува уште еден чекор кон изградба на „Светот на иднината“
(#TheWorldOfTomorrow) – визија што ги обединува културните, општествените и економските вредности, со кои Шпаркасе Банка АД Скопје речиси две децении е активен партнер на заедницата во државата.