Турските власти приведоа 42 лица по големите демонстрации во Истанбул вчера вечерта по повод 100 дена од апсењето и смената на поранешниот градоначалник на градот, Екрем Имамоглу.
-Тие се обвинети за навреда на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и отпор кон безбедносните сили – напиша министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на „X“ рано утрово.
Илјадници луѓе демонстрираа пред зградата на градската администрација, извикувајќи слогани како „Против фашизмот, рамо до рамо“ и „Претседател Имамоглу“.
Медиумите објавија за судири со полицијата на маргините на митингот, која употреби солзавец против демонстрантите.
Имамоглу е популарен политичар од најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП). Тој се смета за ветувачки предизвикувач на Ердоган на идните избори.
Тој беше уапсен и сменет од функцијата на 23 март. Бројни други луѓе од неговата придружба и неговата партија беа приведени во неколку бранови апсења.
Протестот се совпадна со уште еден значаен удар врз ЦХП. Вчера, повеќе од 100 лица беа уапсени во градот Измир поради истраги за корупција.
Партијата се смета себеси за жртва на судство манипулирано од владата. Ердоган, сепак, постојано ја потврдува независноста на судството.
ЦХП се појави како најсилна сила на последните локални избори на национално ниво.
Партијата на Ердоган за прв пат во својата историја го обезбеди само второто место на национални избори.
Партијата на Имамоглу го номинираше за претседателски кандидат. Следните редовни избори треба да се одржат во 2028 година.