Фото: ЕЏУ

Раководството на Федерацијата, стручниот тим и логистиката одработија максимално професионално, така што несомнено ги освоивме симпатиите кај присутните официјални лица од Европската џудо-унија. Со ова направивме голем исчекор кон добивање уште поголема поддршка од ЕЏУ, што, пак, ќе му даде силен позитивен импулс на македонското џудо, вели селекторот Паскоски

ЏУДО – ЗАВРШИ ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ „СКОПЈЕ 2025“

Интензивното четиридневно натпреварување, домашната поддршка и незаборавните спомени завршија, а македонскиот џудо-тим официјално го заокружи своето учество на Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети „Скопје 2025“. Иако настанот донесе и победи и порази, она што се издвои пред сѐ беа исклучителната посветеност и решителност што ги покажа младата и амбициозна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Игор Паскоски. Во поединечна конкуренција, Теодора Илиоска го предводеше националниот тим од 15 натпреварувачи, со две победи во категоријата до 57 кг, демонстрирајќи импресивна техничка зрелост, натпреварувајќи се на истиот ден со нејзината сестра близначка Тамара Илиоска…
– Во многу силна конкуренција и сосема очекувано бевме далеку од борба за медал, но ова беше добра можност за стекнување искуство и дополнителна мотивација за нашите кадети, особено за подмладите џудисти, кои беа најмногубројни во составот. Самото учество во поединечна конкуренција придонесе нашите џудисти да прикажат подобри борби во екипниот микс тим-натпревар, каде што бевме поразени од актуелниот шампион Франција, а во репасажот и од одличниот тим на Грција. Сепак, ќе повторам, станува збор за млади и недоволно искусни репрезентативци, кои во наредните две години ќе треба да го дадат својот максимум – вели Паскоски.
Во врска со организацијата, Паскоски не го криеше своето задоволство што Македонија повторно се покажа како одличен домаќин.

– Нескромно ќе кажам дека ова беше едно од најдобро организираните европски првенства на кои сум учествувал. Раководството на Федерацијата, стручниот тим и логистиката одработија максимално професионално, така што несомнено ги освоивме симпатиите кај присутните официјални лица од Европската џудо-унија (ЕЏУ). Со ова направивме голем исчекор кон добивање уште поголема поддршка од ЕЏУ, што, пак, ќе му даде силен позитивен импулс на македонското џудо. На нас сега останува предизвикот да ги подготвиме нашите репрезентативци да бидат конкурентни и рамноправни противници во борбите за медали. Се надевам дека ќе ги добиеме соодветната поддршка и ресурси од релевантните фактори за оваа цел – рече Паскоски.
Шпанија, поточно Лас Палмас де Гран Канарија, е следниот град-домаќин на ЕП во џудо за кадети, во 2026 година. Официјалната церемонија на предавање на знамето се одржа во неделата во Скопје, со што симболично заврши историското издание за 2025 година. Претставувајќи ја Шпанската џудо-федерација, Мигел Анхел Бискера гордо го прифати знамето на ЕЏУ, означувајќи го преселувањето во земјата-домаќин следната година и поставувајќи ги темелите за уште едно возбудливо поглавје во европското кадетско џудо.
Во четвртиот натпреварувачки ден на програмата беа екипните мешани натпревари, каде што настапија 16 репрезентации (составени од по три џудисти и џудистки), кои се одвиваа на четири татами. На крајот Франција успешно ја одбрани европската титула, откако шест тима се пласираа во финалната фаза и се бореа за место на подиумот, а тоа беа Белорусија, Грција, Полска, Грузија, Франција и тимот што ја претставуваше Меѓународната џудо-федерација (ИЏФ).

Еден од натпреварите за бронзен медал се одликуваше со неизвесна борба помеѓу Грција и Белорусија. Иако белорускиот тим брзо поведе со две победи, Грците, сепак, победија со 4-3. Во меѓувреме, на следниот душек, Полска и Грузија се соочија во вториот меч за бронзен медал. Грузија убедливо поведе со 3-0, за на крајот, сепак, да слави минимално, со 4-3, обезбедувајќи бронзен медал. Финалниот екипен дуел обезбеди сѐ што љубителите на џудото би можеле да посакаат, драматичност, техника и акција што ја одушевуваше публиката. Франција се соочи со тимот што ја претставува ИЏФ, кој поведе со 3-2, но Французите со две победи успеаја по многу возбудувања да слават со 4-3, а последната победа им ја донесе џудистката во категоријата до 63 кг. Така, Франција беше крунисана за европски првак за 2025 година, успешно бранејќи ја титулата во едно од најдраматичните екипни финалиња во поновата историја.
Најуспешна џудо-селекција на ЕП 2025 е тимот што ја претставуваше ИЏФ, со 15 медали, од кои пет златни, четири сребрени и шест бронзени, а вкупно 19 репрезентации се закитија со најмалку еден медал. Г.И.


ЕП 2025, ЕКИПНО ПО ГРУПИ

Франција – Македонија 4-0, Грција – Унгарија 4-3
Грузија – Австрија 4-1, Литванија – Словенија 4-0
Азербејџан – Чешка 4-1, Бугарија – Белорусија 3-4
Турција – Молдавија 3-4, Полска – ИЏФ 3-4

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Франција – Грција 4-0, Грузија – Литванија 4-2
Азербејџан – Белорусија 3-4, Молдавија – ИЏФ 3-4

ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Грузија 4-1, Белорусија – ИЏФ 1-4

ФИНАЛЕ
Франција – ИЏФ 4-3