На децата треба да им нагласите дека сите активности ќе ги правите заедно и на тој начин нема ни да забележите дека „жешките“ часови поминале, а во домот владееле хармонија и задоволство
Катче за родителите: Што да се прави во најтоплиот дел од денот
Што да се прави во периодот кога живата во термометарот се искачила високо и мора да се седи дома? Тоа е време што родителите го сакаат за одмор, а децата, пак, се досадуваат. Тогаш се јавуваат проблеми и нервози.
За да се надмине тоа, имаме неколку предлози.
Прво договорете се со децата и објаснете им колку часови треба да се поминат во домот и зошто е така. Нивната прва желба ќе биде најжешкото време да го поминат во базен или, ако нема услови за тоа, пред телевизор. Ниту едното ниту другото не треба да бидат прифатливо решение.
Вашето објаснување треба да биде дека тие неколку часа ќе си играте, цртате, боите, готвите, читате. Нагласете им дека сѐ ќе правите заедно и ќе ги освоите.
Секое дете сака да помага во кујната, па затоа дозволете му да ви ги додава тенџерињата и приборот за јадење, дозволете му да исечка нешто и да ја постави масата за ручек.
Откако ќе го завршите тој дел, седнете да одморите со читање книги. Доколку децата се поголеми, замолете ги една од лектирите да ви ја прочитаат наглас. Така ќе бидете сигурни дека концентрацијата на детето е во содржината на книгата, а и пред него ќе покажете интерес за неговото читање. Ако децата се помали, тогаш вие како родител прочитајте им ја омилената книга, а подоцна предизвикајте ги да ви раскажат дел од тоа што го запомниле.
По поминатото време за читање може да се опуштите со некоја игра. Помладите девојчиња ќе бидат пресреќни ако со нив ги соблекувате, облекувате, храните и бањате омилените кукли. А со момчињата направете патеки за возење автомобили или играјте со војници и со диносауруси. Доколку станува збор за момче и девојче, можете да ги предизвикате заедно да играат семејство или училиште. Но не заборавајте и вие да бидете дел од играта, затоа што, во спротивно, може брзо да се создаде некоја непотребна караница.
Интересна детска занимација секогаш е играње со пластелин. Поттикнете го детето да направи фигури што подоцна можете да ги ставите како сувенир во домот. Кога еднаш ќе го направите тоа, на детската креативност ќе ѝ нема крај секој нареден ден.
Децата секогаш ќе бидат задоволни ако ги вклучите во вашето хоби. За што и да станува збор, бидете сигурни дека децата ќе го направат најдобро што можат, а вие за возврат заблагодарете им се за помошта.
Додека правите со децата што било, можете да се забавувате и со вербални активности. Дали ќе биде тоа „каладонт“ или „погоди го предметот“, децата секако ќе се внесат во размислувањето и ќе го вежбаат говорот.
Ова се само некои од предлозите како може да се искористат „жешките“ часови, а листата ќе се продолжи и со играње карти или други друштвени игри, редење сложувалка, па дури и со кратко гледање на омилените цртани филмови.
Секако, часовите брзо поминуваат, а потоа впуштете се во играње на базен или посета на спортско игралиште, шетање во парк, посета на омилената слаткарница…
М-р Катерина Спасова Трпковска
264