Фото: ЦГТН

Научници од Кина развија техника што би можела целосно да го промени начинот на кој ги користиме и рециклираме литиум-јонските батерии. Исцрпените батерии наместо да завршуваат како отпад или да се заменуваат со скапи нови, новиот метод буквално ги „оживува“ со помош на една инјекција. Ова откритие, објавено во престижното списание „Нејчр“, доаѓа во време кога светот сè повеќе се потпира на електрични возила (ЕВ), а со тоа и на нивните големи батериски пакети, чија рециклажа сè уште претставува технолошки и логистички предизвик.

Тим научници од Универзитетот „Фудан“ во Шангај пронашле начин како на ослабените батериски ќелии да им се врати речиси целиот капацитет. Хемиската супстанција што го овозможува тоа е литиум трифлуорометансулфинат – сол што се раствора во електролитот и ослободува литиум-јони. Кога се инјектира во ослабени батериски ќелии, тие повторно ги „полнат“ електродите и го враќаат капацитетот на импресивни 96 проценти.

Истражувањето покажало дека оваа техника овозможува батеријата да издржи до 12.000 циклуси на полнење, додека денешните ЕВ-батерии во просек издржуваат од 1.500 до 2.000 циклуси. Тоа значи и повеќекратно подолг животен век на батериите — со значително помалку отпад и пониски трошоци.

Патот до „волшебната молекула“ водел преку машинско учење. Научниците тестирале модел на вештачка интелигенција за да предложи молекули што би можеле да ослободуваат литиум-јони на правилен начин. Од трите предложени супстанции, токму литиум трифлуорометансулфинат покажал најдобар ефект.
– Ако можеме да му помогнеме на човек со инјекција да закрепне, зошто да не се обидеме да го направиме истото тоа и со батериите — прашува коавторот на студијата, хемискиот инженер Јуе Гао.

Воведувањето ваква технологија би можело да има огромно влијание врз пазарот на електрични возила. Денес, батеријата сочинува и до 40 проценти од цената на ЕВ-автомобилот, а нејзината замена претставува финансиски удар за поголемиот дел од сопствениците. Продолжувањето на животниот век на постојните батерии, без потреба од замена, значи помалку отпад, помали трошоци и помал еколошки отпечаток.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека технологијата сè уште е во експериментална фаза. Тестирањата досега се спроведени само на поединечни ќелии, а вистинскиот предизвик допрва следува: како инјекцијата да се примени на цел батериски пакет, кој може да содржи илјадници ќелии.

Оваа технологија не само што би можела да го трансформира животниот век на батериите во електричните возила туку има потенцијал да реши еден од клучните проблеми во областа на обновливите извори на енергија — управувањето со отпадните батерии. Експертите најавуваат дека следниот чекор е скалирање на технологијата и нејзина имплементација во реални услови.