Во „Парадоксот на Грејсленд“, уметниците Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду и Лиа Псома се осврнуваат на испреплетените кризи на климатскиот колапс, раселувањето и технолошко-социјалното отуѓување како симптоми на доцниот капитализам
Летната програма на КРИК 2025, под наслов „Преобразба“, ја заокружуваме со изложбата „Парадоксот на Грејсленд: навигирајќи ја неизвесноста“, курирана од грчката кураторка Лидија Хацијакову (Солун). Нејзината работа гравитира околу улогата на уметноста како алатка за општествени промени, релацијата помеѓу уметноста и технологијата, уметноста и екологијата, уметноста и современата улога на занаетите. Денеска, во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопјe ќе има курирано водење, додека од 20.40 часот е предвидена модерирана дискусија. Изложбата ќе може да се посети до 17 август 2025 година.
Во „Парадоксот на Грејсленд“, уметниците Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду и Лиа Псома се осврнуваат на испреплетените кризи на климатскиот колапс, раселувањето и технолошко-социјалното отуѓување како симптоми на доцниот капитализам. Нивните хибридни фигури и пејзажи се движат помеѓу пропаста и обновата, потсетуваат и на последиците од катастрофата и на можноста за пофер и инклузивна иднина.
Направени од биопластика, глина, кристализирана хартија и ризоми, нивните дела ги доведуваат во прашање бинарностите помеѓу човекот и нечовечкото, природата и машината, отпорот и контролата.
Уметникот Билал Јилмаз е гостин што го проширува ова истражување низ призмата на политичка акција и опсервација, поканувајќи ги гледачите да се спротивстават на приливот на манипулирани медиуми и да ги прифатат сликите и дејностите што инспирираат вистинска промена. Во центарот на изложбата е ставена „Лабораторијата“, која го отвора креативниот процес на уметниците – активен простор за замислување нови форми, нови материјали и алтернативни иднини. Тука, експериментирањето станува форма на отпор, а самото уметничко дело станува жив двигател на трансформација.
Западната научна парадигма можеби ни овозможи да го разбереме светот како систем од специјализирани области на знаење на начин што овозможи рационализација, специјализација и раст; во исто време, сепак, тоа нè наведе и да ги занемариме меѓусебните врски меѓу луѓето, општествата и екосистемите.
Спротивно на тоа, Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду и Лиа Псома не нагласуваат и одвојуваат, ниту даваат приоритет на еден симптом пред друг. Човечките, нечовечките и хибридните фигури во нивните дела живеат во недефинирани услови – можеби во контекст во кој се видливи последиците од некоја катастрофа или, пак, во контекст во кој се наѕира можноста за спекулативна, поизбалансирана иднина – поттикнувајќи ги гледачите да размислуваат за причините, последиците и можностите. Процесот на идентификување на овие состојби станува, едновремено, и процес на размислување и реализација за капиталистичкиот ќор-сокак, додека изложбата како целина станува вежба на имагинацијата за можни – дистописки или утописки – иднини. Оваа спекулативна димензија е дополнително дополнета и проширена од уметникот Билал Јилмаз, кој е поканет да се придружи на изложбата во Скопјe. Неговото дело се потпира на акутните мобилизации низ целиот свет, вклучувајќи ги и оние во Македонија, каде што луѓето излегоа на улиците за да протестираат.
По курураното водење низ изложбата, следува кратка дискусија со уметниците, придружени од Владимир Јанчевски (куратор, МСУ – Скопје), Ана Микоњати (кураторка, Национален музеј на современата уметност, Атина) и Тули Мисироглу (уметничка директорка, MOMus), модерирана од кураторката Лидија Хацијакову.
Изложбата е поддржана од MOMus – Метрополитенска организација на музеи на визуелни уметности на Солун, Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Република Грција во Скопје.
Изложбата е организирана во партнерство со Музејот на современата уметност од Скопје.
Фестивалот за критичка култура КРИК е финансиски поддржан од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“,институтот „Гете“, Министерството за култура и туризам и програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија, финансирана од Европската Унија. Проектот е дел од програмата на „Креативна Европа“ за 2021-2027 година. С.Ј.