Кина возврати на она што го нарече дезинформации што го поттикнуваат конфликтот, откако генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди за „масовното воено засилување“ на Кина и нејзината поддршка за Русија во нејзината војна против Украина.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, го обвини Руте за поттикнување на глобалните тензии и оцрнување на она што го нарече „нормален воен развој“ на Кина со своите изјави. Зборувајќи на прес-конференција, тој рече дека НАТО затоа бара изговор драстично да ги зголеми воените трошоци и да го прошири своето влијание надвор од Европа, особено во Индопацифичкиот Регион.
Пред самитот на НАТО во Холандија, Руте ја нагласи важноста на соработката на Алијансата со земјите од Азиско-Пацифичкиот Регион како што се Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд, особено во контекст на военото јакнење на Кина. САД и Велика Британија, обете членки на НАТО, склучија безбедносно партнерство АУКУС со Австралија, кое вклучува испорака на нуклеарни подморници со долг дострел и зголемени патроли во Индопацифичкиот Регион.
Руте исто така рече дека НАТО останува загрижено за тоа што Кина и Северна Кореја ги „зајакнуваат“ руските сили во војната со Украина. Кина најмногу ѝ помага на Русија со купување големи количества нафта, што ѝ помага да ги заобиколи западните санкции.
Пекинг ги отфрла тврдењата дека испраќа оружје.
Кина тврди дека НАТО има амбиции што одат подалеку од неговата европска улога.
– Иако НАТО се претставува како регионална организација, тоа постојано оди надвор од рамката дефинирана со сопствениот договор, користејќи ја поврзаноста на евроазиската безбедност како изговор за проширување на своето присуство во Азиско-Пацифичкиот Регион. Меѓународната заедница јасно го гледа тоа, а земјите во Азиско-Пацифичкиот Регион се во состојба на готовност – рече Гуо Џиакун.
Зборувајќи за војната во Украина, тој рече дека Кина „се залага за мировни преговори и активно промовира политичко решение на конфликтот.
– Никогаш не сме ѝ испорачувале оружје на која било страна и строго го контролираме извозот на стоки со можна воена употреба. Дезинформациите на НАТО нема да го измамат светот. Ако НАТО навистина се грижи за безбедноста на Европа и светот, треба да престане да ги поттикнува конфликтите и да поттикнува конфронтации – додаде тој.
На крајот, тој рече дрка Кина го повикува НАТО сериозно да се соочи со своите постапки, да ги послуша повиците на меѓународната заедница за пофер пристап и да го напушти менталитетот на конфликтот од Студената војна и логиката на нулта сума. Тоа се застарени концепти. Р.С.