Изведба на перформативниот (шетачки) есеј – радиодрама во три чина насловена „Градот е јавност – #2“, дел „Случајот Скопје 1945-2025“, колаборативен уметнички проект на Филип Јовановски, куриран од Владимир Јанчевски, во кој како актерка/изведувачка се јавува Мартина Даниловска, ќе се одржи утревечер, во 20.30 часот, во киното на железничката зграда во Скопје.
– Низ својата долгогодишна практика на градење платформи и искуство, Филип Јовановски го поставува прашањето за тоа на кој начин нашето секојдневно искуство на градот и градскиот амбиент, неговото минато и сегашност, можат да бидат искористени како содржина и театарска сцена, како изложбен простор што се доживува преку прошетка, дискусија, експериментална работа во лабораторија или практичните аспекти на секој нов продукциски предизвик. И претходните изведби, како шетачко искуство низ физичкиот простор, но и љубопитноста и препуштањето на имагинацијата, се истовремено и истражувачка методологија и уметничка форма. Овој перформативен есеј, во форма на видеоинсталација и радиодрама, кој се заснова на шетачки тури, ги преиспитува границите на уметничките конвенции, дисциплинарните граници и ригидните форми, без да заглавува во самодоволната дискусија на една тесно дефинирана уметничка сфера – вели Владимир Јанчевски за перформансот што ќе се изведе в четврток.

Проектот „Градот е јавност: случајот Скопје (1945-2025)“ е продуциран како дел од долгорочниот проект градот како сцена: изведување на јавниот простор, поддржан од Програмата за култура на Швајцарската амбасада во Македонија, и е претставен како дел од поширокиот кураторски концепт „Градот како сцена: еколошки иднини“, кој се случува во киното на железничката зграда во партнерство со институтот „Гете“ од Скопје и во партнерство со списанието во областа на архитектурата и урбанизмот АРЦХ.

Филип Јовановски дипломирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, а магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје во 2019 година, со проектот „Кога зградите би зборувале“. Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, театар, видео, архитектура, филм и просторни инсталации. Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. Тој создава долгорочни општествено ангажирани уметнички проекти, кои се базираат на истражување и честопати во соработка со различни заедници. Во своите проекти, тој се обидува да ги разоткрие скриените механизми на доминантните позиции на моќ, кои водат кон уништувањето на јавниот простор и јавното воопшто, притоа деконструирајќи ги и поттикнувајќи различни алтернативи на капиталистичкото живеење. Неговите дела се трансформации на политички и општествени категории во просторни слики. Често за своите дела користи јавен простор или го креира, како и неконвенционални и алтернативни изложбени простори. Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, куриран од Ивана Васева, кој ја претставуваше Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година, ја доби главната награда „златна трига“.