Во првата година откако заигра за Вардар најмногу радост му донесе победата над Црвена звезда со 2-1 во Белград, на која беше стрелец на еден гол. Кога Вардар испадна од Првата лига, и покрај неколкуте понуди од познати клубови, Шуица го одбра Велење

Душан Шуица (2)

Фудбалерите често имаат чудна судбина. Некогаш таа едноставно си поигрува со нив и никогаш не се знае кон која страна ќе го однесе фудбалерот. Оти е ова така најубаво почувствува и нашата фудбалска легенда Душан Шуица. Тој своите ѕвездени моменти ги доживеа настапувајќи за Вардар, а кога требаше да го круниса фудбалскиот пат, на изненадување на сите замина за Велење, во Словенија, за да ги брани боите на тамошниот клуб. Ова некако збунувачки изгледаше кај фудбалските навивачи, кои останаа изненадени од ваквиот потег на Душан Шуица, зашто тој своевремено имаше понуди за трансфер во најсилните југословенски фудбалски клубови, меѓу кои најзаинтересирани беа Хајдук и Партизан, а сега кариерата ќе ја завршува во една не толку позната фудбалска средина. Но, се чини, Душан донесе вистинска одлука, зашто по една година во овој словенечки град замина со неизбришливи спомени.
– Верувајте, воопшто не згрешив што заминав за Велење. Во овој словенечки град бев примен како вистинска фудбалска sвезда, со голема почит, не само од симпатизерите на тамошниот фудбалски клуб туку воопшто и од жителите на овој град. Сите сакаа да бидат во друштво со мене, едноставно почувствуваа оти ми е потребна нивна поддршка, за да можам и на фудбалскиот терен да ги демонстрирам сите мои квалитети и да му помогнам на клубот да постигнува добри резултати. Кога дојдов во Велење навивачите посакуваа што побрзо да го облечам дресот на нивниот миленик и да почнам да постигнувам голови. Тоа и се случи наредната година, па јас како фудбалер постојано бев во центарот на нивното внимание. Беа среќни што дојдов тука и што придонесов Велење уште повеќе фудбалски да заживее – ми говореше во емисијата снимена две години пред да почине (2017-та) нашата фудбалска легенда Душан Шуица.

Победа за вечно сеќавање

Ова беше една епизода од фудбалскиот пат низ кој врвеше тој, пред да се врати во Скопје и тука да го означи крајот на својата кариера. Шуица го посакуваше тоа, зашто со Вардар и со Скопје го врзуваа најубавите спомени. Тука имаше многу пријатни доживувања на кои тој се сеќаваше. Едно од нив беше и она кога во првата година откако заигра за Вардар скопскиот тим ја совлада Црвена звезда, и тоа на нејзин терен.
– Белградските црвено-бели на свој терен беа непобедливи. Сите противници со голем респект одеа на дуелите со нив. Едноставно, сите во мислите имаа една цел, доколку е можно да се одбранат и да примат што помалку голови. А за некаква победа ретко кој ривал размислуваше. Сите се ориентираа на дефанзивна тактика, која можеше евентуално да ги спаси од поубедлив пораз. Ние, нормално во една таква ситуација, особено и поради фактот што требаше да ѝ гостуваме на Црвена звезда, бевме „прежалени“ од јавноста. Прашање беше само со колкав резултат ќе триумфираат белграѓаните. Но фудбалот нема да биде толку интересен, ако некогаш не понуди и нешто изненадувачко. Е токму такво изненадување се случи, убаво го паметам тоа наше гостување во Белград на 10 октомври 1973 година. Звездашите истрчаа на теренот самоуверени, а кај мене верувам и кај моите соиграчи провејуваше само една мисла, како да ја разнишаме таа самодоверба кај силниот противник? Натпреварот почна, домаќините ги изведоа првите атаки. Ние не преземавме никаков ризик и чекавме да се отвори играта и да ни се даде шанса да тргнеме во напад. Кога се случи тоа, јас со сета сила брзо се упатив кон противничкиот гол. Откако убаво бев проигран од Спасовски, со кого одлично се читавме во играта, во полн спринт влегов во шеснаесетникот и постигнав гол за водство. Тоа беше студен туш за гледачите, кои, сепак, веруваа оти набрзо Звезда ќе ја преземе иницијативата и работите ќе се сменат. Но залудни беа нивните очекувања и наместо тоа, дојде и вториот наш гол постигнат од Мето Спасовски. Потоа се затворивме, го чувавме водството и победивме со 2-1. Утредента во сите весници беше величана нашата победа, за која сите известувачи констатираа оти е наполно заслужена. Се сеќавам на многу наслови од весниците во стилот „Фаворитот на колена“, „Изненадување среде Белград“, „Вардар подобар од Ц. звезда“. Сите тие наслови беа уште една потврда за нашата голема победа, која во Скопје и во Македонија беше примена со одушевување. Тие моменти на задоволство не можам да ги заборавам – велеше во емисијата Шуица.
Потоа, Вардар насекаде беше пречекуван со респект. Победата во Белград како да беше опомена за другите тимови, оти со Вардар нема шега и на него треба да се внимава.
– Тогаш и ние како фудбалери се почувствувавме горди и охрабрени влегувавме во следните натпревари. Ех, колку беше слатка таа победа – со воздишка го заврши Шуица сеќавањето на белградскиот триумф.

Испуштен трансфер во Партизан

Инаку, Душан Шуица ги манифестира своите голгетерски способности уште во младоста, особено кога заигра во Српската лига, бранејќи ги боите на Лирија од Призрен. Уште на почетокот на кариерата стана јасно оти во него се кријат големи потенцијали и многу фудбалски тренери му прогнозираа убава иднина.
– Комплиментите што ми ги упатуваа не ми го завртеа умот, туку напротив, останав цврсто на земја и многу не се занесував. Единствено ми е жал што не бев понастојчив кога ми дојде поканата од Партизан да бидам замена за Бечеац, кој си замина од клубот. Стручниот штаб на црно-белите, барајќи алтернативно решение за негова замена, ме одбра токму мене. Меѓутоа имав важечки договор со Приштина. Ако овој трансфер се оствареше, верувам дека ќе постигнев многу повеќе, иако и од она што оставив зад себе наполно сум задоволен – рече Шуица.
За Шуица вратите во Вардар кога и да посакаше беа отворени. Но секогаш ќе се случеше нешто и патот ќе го однесеше на друга страна. Сепак, по многуте премрежиња и доживувања, фудбалскиот крај го дочека во Скопје. Од овој град беше неговата животна сопатничка со која создаде прекрасно семејство и некако природно беше да се закотви во градот во кој го доживеа фудбалскиот зенит.
– Се вратив во Скопје, но не можев без фудбалот. Многумина мислеа дека сум веќе стар и ќе немам сили да се носам со помладите. Но не мислев така и ја прифатив поканата на искусниот тренер Зоран Мишиќ да му пристапам на Работнички. Ова, верувајте, како одвај да го очекував, зашто без фудбалот не можев да го замислам животот. Вака со тренинзи, некогаш кај Мишиќ ги имаше и по два на ден, некако пријатно ми минуваше времето. Задоволна беше и сопругата. Накусо кажано сѐ беше како што посакував – ми рече во емисијата Шуица.
По извесно време, откако одигра неколку натпревари за Работнички, Шуица доби нова понуда. Овој пат таа доаѓаше од Ѓорче Петров од амбициозната управа на Југококта. Оваа скопска населба беше препознатлива по фудбалскиот клуб, кој во еден период беше и еден од факторите во македонскиот фудбал.
– Затоа, не се колебав и ја прифатив понудата. Клубот беше во добра финансиска кондиција, а и она што беше многу значајно, имаше традиција, имаше свој стадион и своја публика. Сето тоа беше предуслов да се создаде еден стабилен клуб. Овде веќе немав некои големи фудбалски амбиции, туку желба ми беше колку што можам да му помогнам на клубот на патот кон неговата афирмација – велеше Шуица.
Така, на крајот од фудбалскиот живот, судбината сакаше Душан Шуица повторно да заигра пред скопјани, кои не ги забораваа неговите ефикасни игри во дресот на Вардар. Тој и понатаму беше миленик на гледачите, без оглед на тоа за која скопска екипа настапува. Многумина доаѓаа на натпреварите на Работнички, а потоа на Југококта, за да го видат фудбалерот што своевремено им приредуваше толку многу радости.
Душан Шуица во 2019 година ја напушти животната сцена и денес е име што често се споменува, особено кога се прави една ретроспектива на минатото. Тие личности, кои се вградија во историјата на Вардар, нашиот најтрофеен фудбалски клуб, и кои дадоа максимален придонес за неговата афирмација, никогаш не треба да бидат заборавени.