Средните сили и мултиполарниот свет

Најважниот придонес што средните сили можат да го дадат е да ги покажат со свој пример реалноста на мултиполарноста и разновидноста на развојните патеки во светскиот поредок. Тие да понудат визија за глобална економија, која не зависи директно од силата и добрата волја на носителите на мултиполарноста…

 

Би било убаво да се живее во свет каде што САД (можеби заедно со Кина) всушност обезбедуваат глобални јавни добра, вклучително и концесиско финансирање и пристап до технологии што им се потребни на земјите во развој

Автор: Дани Родрик

Подемот на Кина ја доведе во прашање досега неспорната хегемонија на Америка во глобалната економија (статус што САД го стекнаа по распадот на СССР). И иако дел од американската елита од секторот за национална безбедност се стреми САД да го задржат својот примат, други очигледно се помириле со перспективата за биполарен/мултиполарен свет. Сепак, поверојатниот исход ќе биде една мултиполарна структура во која т.н. средни сили би дејствувале како значајна противтежа, како коректор за САД и Кина да ги наметнуваат своите интереси врз другите.

Кои се тие средни сили?

Средните сили ги вклучуваат: Индија, Бразил, Јужна Африка, Турција, Нигерија и Индонезија. Ова се економски големи земји, кои имаат значително учество во глобалната и регионалната економија (или имаат неспорен потенцијал за тоа). Иако не се богати (всушност, тие се дом на значителен процент од најсиромашното население во светот), тие имаат голема средна класа ориентирана кон потрошувачка, како и значаен технолошки потенцијал. Комбинираниот БДП на шесте споменати земји (според паритетот на куповната моќ) е веќе повисок од БДП на САД и се очекува да порасне за 50 отсто до 2029 година. Овие земји имаат посебна надворешна политика што одбива да влезе во експлицитен сојуз со САД или со Кина. Спротивно на она што е широко распространето во САД, средните сили не се безусловно наклонети кон Кина и не се подготвени да го жртвуваат својот однос со САД, заради зближување со неа. Всушност, причината за зближување со Кина лежи во американската доскорешна политика. Фактот дека САД ја користат сопствената економска и финансиска моќ како оружје ги принудува да се заштитат себеси и да бараат резервни опции. Имено, лидерите на средните сили не сакаат свет каде што се принудени да изберат страна.
– Одбиваме да бидеме пиони во нова студена војна – рече поранешниот индонезиски претседател Џоко Видодо. Тие сакаат да градат повеќедимензионални трговски и финансиски односи, избирајќи од мени на опции без вештачки ограничување на изборите поради соперништвото меѓу големите сили.

Малку е веројатно дека средните сили ќе станат моќен блок?

Бидејќи развиените земји сѐ повеќе се фокусираат на себе, средните сили природно се појавија во улога на чувари на глобалните јавни добра. Тие се во добра позиција да водат по прашања како што се климатските промени, здравјето и олеснувањето на долгот. Добар пример е иницијативата на Бразил (презентирана на состанокот на Г20) за воведување глобален данок на богатството на милијардерите. Се очекува предлогот на овој начин да собере стотици милијарди долари и би можел да игра важна улога во затворањето на јазот во финансирањето на климатските промени во земјите со ниски приходи. Малку е веројатно дека средните сили ќе станат моќен блок, главно затоа што нивните интереси се премногу разновидни за да се вклопат во една економска или безбедносна агенда. Дури и кога се приклучуваат на формални групи, нивното колективно влијание е ограничено. Групата БРИКС (првично Бразил, Русија, Индија, Кина, а потоа и Јужна Африка) беше создадена во 2009 година со многу фанфари, но, за жал, реално досега постигна малку повеќе од организирање фотосесии за државните лидери. Додуша, некои земји му се приклучуваат на БРИКС. Можеби и други ќе се приклучат. Но тешко е да се замисли како толку разновидна група земји може доследно да дејствува заедно. Во најлош случај, ова групирање ќе ги зајакне авторитарните тенденции дури и меѓу демократски избраните лидери на земјите членки.

Теоријата на хегемонска стабилност е застарен поглед

Познато е дека меѓу економистите и политиколозите постоеше теза дека „хегемон е потребен за здрава и стабилна светска економија“. Таа улога ја играа САД по 1945 година или Велика Британија во времето на „златниот стандард“. Според теоријата за хегемонска стабилност, потребна е извонредна моќ за да се справат со трошоците за одржување отворена светска економија, вклучително и одржување отворени морски патишта и спроведување на трговските правила и обезбедување слободен проток на пари. Следствено на оваа теорија, „мултиполарноста станува рецепт за хаос и економска пропаст“. Сепак, ова е застарен поглед! Тоа не ни кажува како функционира современиот свет. Точната комбинација на отвореност и протекционизам природно ќе варира од земја до земја, бидејќи ниедна земја нема интерес да ѝ сврти грб на тоа економијата да тече во глобални рамки. Владите ќе мора да одмерат некои придобивки од слободната трговија и да ги избалансираат со трошоците за поддршка на домашната економија. Секоја суверена земја најдобро знае под кои услови е подготвена да учествува во глобалната економија. Би било убаво да се живее во свет каде што САД (можеби заедно со Кина) всушност обезбедуваат глобални јавни добра, вклучително и концесиско финансирање и пристап до технологии што им се потребни на земјите во развој.

Кој е најважниот придонес што средните сили можат да го дадат за светот?

САД и другите економски големи земји не се докрај расположени да ги обезбедат јавните добра што навистина ѝ се потребни на светската економија; и ако го погледнеме моменталното расположение во нивните главни градови, малку е веројатно дека ситуацијата ќе се промени во блиска иднина. Покрај тоа, како што многу средни сили научија на тешкиот начин, хегемонската моќ може да се користи не само за добро туку и за принуда. Може да се користи за наметнување правила на игра што не одговараат на интересите на тие земји (и кои хегемонот лесно ги крши секојпат кога не му одговараат), или за казнување на земјите што ги игнорираат целите на надворешната политика на хегемонот. Ова, веројатно, е најважниот придонес што средните сили можат да го дадат: да ја покажат со свој пример реалноста на мултиполарноста и разновидноста на патеките на развој во новиот светски поредок. Тие да нудат визија за глобална економија што не зависи од силата и добрата волја на Америка или на Кина. Сепак, за да станат достоен модел за другите, средните сили мора да станат одговорни играчи. И ова не се однесува само на нивните односи со помалите држави туку и на зголемената политичка одговорност во внатрешната политика.

Авторот е професор по меѓународна политичка економија на
Универзитетот „Харвард“