Акцијата за решавање на проблемот со кучињата скитници, организирано започна во мај, и се спроведуваше до крајот на август, кога целосно беа потрошени средствата предвидени за оваа намена, и чиј износ беше 1.200.000 денари. Со оваа акција опфатени беа 130 кучиња скитници, од кои дел поради зарази или агресивност беа еутаназирани, додека на поголемиот дел им беше ставен идентификациски број, односно беа кастрирани и вакцинирани.
– За да се реши долгогодишниот проблем со кучињата скитници во нашата општина, во периодот од 1 ви мај до 31 ви август, организиравме акција за чипирање на кучињата скитници и еутаназија на болни и агресивни кучиња, за што беа потрошени околу 20.000 евра и за што беше ангажирана ветеринарната клиника Ино-Вет од Куманово, како единствена пријавена на јавниот повик објавен од страна на Општината. Во изминатите четири месеци беа третирани 130 кучиња-скитници, од кои поголемиот дел добија и идентификациски броеви и лична карта, додека нешто помал број беа еутанзирани од горе споменатите причини. Бидејќи средствата за оваа намена се потрошија, не беше можно реализирање на целокупниот проект, без дополнителни средства, кои најверојатно ќе бидат издвоени во буџетот за наредната година – вели Емилија Петкоска, од одделението за екологија при општина Кичево.
Таа посочи дека акцијата ќе продолжи и во 2019 година со нов јавен повик, за целосно решавање на овој проблем и кој се повеќе се продлабочува со новодојдените кучиња-скитници, транспортирани во градот од соседните општини и градови.
– Бидејќи средствата наменети за решавање на овој проблем не беа доволни за истиот во целост да се разреши, ќе бидеме приморани и во наредната година да објавиме нов јавен повик а сумата што би била доволна за целосно решавање на овој проблем е тешко да се прецизира, бидејќи бројот на кучињата-скитници во градот константно се зголемува со дотур на нови кучиња-скитници, пред се од прилепскиот и полошкиот регион. Во повеќе наврати во соработка со полицијата сме излегувале на терен за да извршиме контрола, кога и од каде се носат овие кучиња, но за жал засега останавме без очекуваниот ефект. Можеби меѓуопштинска соработка би помогнала во една координирана акција да се надмине овој се поизразен проблем на кого не му се гледа крајот – додава екологистката Петкоска. З.А.