Белата куќа планира да ги прекине сите договори на сојузните агенции со Универзитетот Харвард. Според американските медиуми договорите се во износ од 100 милиони долари.
Американската Влада испрати писмо до сите сојузни агенции барајќи да ги идентификуваат договорите со Харвард и да се изјаснат дали можат да бидат поништени или пренасочени на други институции.
Американската Влада веќе поништи сојузни грантови во вредност од 2,6 милијарди долари наменети за Харвард, бидејќи Универзитетот одби да ја смени својата политика.
Спорот помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Харвард почна откако Универзитетот одби да ги даде на увид списоците за прием на студенти и за регрутирање на професори.
Трамп го нарече Харвард жариште на либерализмот и антисемитизмот.
Харвард на 21 април поднесе тужба барањето на администрацијата за промени во раководството, управувањето и политиката за прием на Универзитетот. Оттогаш, американската администрација го намали федералното финансирање на Универзитетот, поведе постапка за забрана за запишување на странски студенти и се закани дека ќе го укине ослободување од данок.
Американското Министерство за внатрешна безбедност побара од Харвард да предаде податоци поврзани со неговите странски студенти, вклучително дисциплински евиденции или податоци поврзани со „опасна или насилна активност“. Универзитетот наведе дека одговорил на тоа барање, но според Министерството одговорот бил незадоволителен и презеде иницијатива да му забрани на Универзитетот да прима странски студенти. Федерален судија во Бостон привремено ја блокираше мерката откако Харвард поднесе тужба.