Фото: „Нова Македонија“

Двата натпревара ни овозможија да ги воочиме и грешките и проблемите, но и да видиме на кои елементи треба да посветиме повеќе внимание. Верувам дека како што ќе минува времето и низ Европската лига ќе бидеме сѐ подобри и подобри, рече селекторот Миленкоски, пренесе ОФМ

ОДБОЈКА – ПО ДВАТА ТЕСТ-МЕЧА СО ХРВАТСКА

Имаме појасна слика за тоа до каде сме, односно во која насока треба да продолжиме со темпирањето на формата, изјави селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски, по двата тест-меча со Хрватска во Словенија (пораз и реми), како дел од подготовките за настапот во Европската златна лига во јуни.
– Со една седмица тренинзи реално не бевме подготвени за играње пријателски натпревари, но двомечот со Хрватска од претходно беше договорен, па одлучивме да го искористиме најдобро што можеме како дел од тренажниот процес. Хрватите од 5 мај ги почнаа подготовките, а ние почнавме десет дена подоцна и очекувано беше да играме тешко на првиот натпревар. Уште не сме воиграни, имаа тешки нозе момците од напорните тренинзи и не можевме да одиграме како што сакаме, а како за прв натпревар нормално беше да има и многу грешки. Но веќе вториот дуел беше многу подобро. Им дадов шанса на сите играчи, пробувавме на терен која постава ќе го понесе товарот, а кој играч, кога и како може да помогне. Двата натпревара ни овозможија да ги воочиме и грешките и проблемите, но и да видиме на кои елементи треба да посветиме повеќе внимание. Верувам дека како што ќе минува времето и низ Европската лига ќе бидеме сѐ подобри и подобри, можеби не за првиот турнир во Братислава, но за последниот во Струмица сум сигурен. По пауза од една година се враќам во репрезентацијата и она што ме радува е дека и покрај промените, нови лица во тимот, сега селекцијата е и подмладена, и понатаму има одлична атмосфера. Ова е екипа што игра заедно со години, одлично ги знае своите квалитети и можности и поради тоа верувам дека тимот многу брзо ќе стигне до потребното ниво – рече Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Репрезентацијата продолжува со подготовките за првиот турнир во годинашното издание на Европската златна лига во Струмица, од 6 до 9 јуни во Братислава (Словачка). Н.М.