Не е убаво ова што го правите. Пред сите тука да се тепате. Срамота е. Вие сте другарчиња. Треба да си играте, а не вака…
Да, ама он му пцуеше мајка, жена и…
Кој? Путин на Зеленски или Зеленски на Путин?
За што зборуваш ти, бе?
Па, за Истанбул.
Ќе одиш во Истанбул? Блазе си ти! Ќе се изнауживаш. Прекрасен град. Обавезно да го видиш мостот на Босфор.
Знаеш дека најпознатата турска пцост е поврзана со тој мост? Да те онадам на мостот на Босфор, за два континента да гледаат.
Тоа ти зборувам, го пцуел. И уште, за гуша, цап…
Каде? На мостот? Кој, кого? Путин, Зеленски или Зеленски, Путин? Ама рекоа нема да се среќаваат. Или Трамп ги пцуел двајцата.
Многу ја сакам бесмислата. Да ја фрлиш вообразената сериозност во бесмислен муабет е вистинско уживање. Монти Пајтон од бесмислата и апсурдот направија уметност. А ние, ете, живееме во сериозни времиња. Проблем е што ако човек со своите внатрешни очи, доколку му функционираат секако, се загледа сосем кратко во таа сериозност, брзо сфаќа дека тоа е само маскирана безумност која во ударни вести се презентира како сериозна политика, а потоа станува главна тема на социјални мрежи, па луѓе толку ја џвакаат и преџвакуваат што и времето запира за да ја чуе строгата вибрација на таа сериозна драматичност и тебе не ти останува ништо друго освен да ја гледаш низ блесавата форма на бесмислата.
Слушна? Ќе бидеме дел од суд за воени злосторства?
Што??? Е па, браво! Редно време е да се активираат оние злосторства против човештвото од 2001 година.
Ама не, бре! Суд за злосторствата на Путин и Русија.
Глупости! Нема врска ни Путин, ни Русија, во 2001, Украина ни даде оружје, а четирите хашки случаи се против ОНА.
Еј, не ми ја спомнувај, океј? Она, брат… ме остави, го напушти домот и сега по туѓи куќи се нуди да се вдомува.
Бесмислата може да биде многу креативна кога е поставена во драмска ситуација. На пример, тебе куќата ќе ти прооди, како што велеше мајка ми, ама ти инсистираш да расчистуваш туѓи куќи од кашканици кои не се твоја работа. И кога ќе се вратиш дома, сфаќаш дека некој ти провалил и не само што растурил, туку и најдрагите нешта преку кои се идентификуваш ти ги украл. Бесмислата знае така често да биде практична алатка за од неа да извлечеш корисни заклучоци.
Слушна ли? Слушна ли како им го плесна Кошта? Рече, нема план Б. И што правиме сега?
Кој Кошта? Руи Кошта, Диего Кошта или Даглас Кошта?
Антонио Кошта.
Кој е па сега тој? За кого игра?
Океј, според твојот речник, игра за Европската Унија?
Европска Унија? Извадија репрезентација? Како Велика Британија на Олимпијада? Добро бе, мора ли ама баш сè да упропастат? Што им е сега виновен фудбалот? Нормални ли се оние од ФИФА и УЕФА што на ЕУ ѝ дозволуваат да прави репрезентација? И каква ќе биде таа репрезентација? За прогресивни играчи со две леви нозе? Па, сега кај нас одма ќе почне да се лигави интелектуалната бижутерија, ете, наши фудбалери нема да играат за ЕУ!
Не бе, ќе може да играме, ама како натурализирани Бугари. Така рече Антонио Кошта.
Пак тој Кошта, а не е ни Руи, ни Диего, ни Даглас. За кого играл тој, бе? За Порто? За Брага? За Спортинг од Лисабон или за лисабонска Бенфика.
Ако така сакаш, за лисабонска Декларација?
Ете, знаев дека е со наци-биографија. Брат, за расизам нема место на фудбалските терени. Ако се прашувам јас, со фудбалски речник, слободно може да се носи во…
А бе ти како сакаш, ама Кошта кажа што имаше да каже. Или план А или ништо. Земи или остави. Нема план Б, тоа е линијата.
Еј да, линијата! Се сеќаваш на Роби Фаулер кога ќе дадеше гол како паѓаше на колена и ја шмркаше аут-линијата? Исто како што другарите на Кошта, оние Емануел, Фридрих и Кир сакаа да се фатат за линијата… за линијата на фронтот меѓу Украина и Русија, ама упаднаа новинарите и првичниот план им пропадна, па мораа да се префрлат на план Б и да прават прес-конференција.
Понекогаш единствено оружје против безумноста што напаѓа може да биде само бесмислата. Тие запнале да те присилат да направиш трансфер од човечко суштество во безидентитетска сподоба, а кога ќе одбиеш врескаат дека ќе ти ги искршат двете нозе, откако претходно го избркале судијата и ја демолирале ВАР-собата, ама тебе те обвинуваат дека не сакаш да ферплеј. Па затоа, кога хулиган сака да ти воведе само тебе нови фудбалски правила во кои безумноста вели ако не го прифатиш мојот план на игра, ќе ти ја дупнам топката, ти почнуваш да го дриблаш со бесмисла, бидејќи со насилници е глупо да се објаснуваш.
Не знам дали си во тек, ама владината коалиција се распаѓа, Таравари ја напушти Владата.
Да, прочитав, се враќа кај граѓаните, само не знам кој пат ќе го фати, дали ќе оди кај оние нордистански граѓани со европски идентитет кои велат дека ќе излезат да мерат улици за да видат дали сите патишта водат кон ќор-сокак што тие го нарекуваат Европа или ќе стане инфлуенсер како овие герила-маркетинг левичари од невладината организација на инфлуенсери, оти они изјавија дека го повлекле од влада. Искрено, да сум на негово место, јас би избрал трета опција.
Каква трета опција?
Дубаи. Кутрите Арапи имаат недостаток на доктори. Даваат златни визи за да им работиш по болници, а он е доктор, нели?
Слободно прогласете ја колумнава за докторат на бесмислата. Можам и да објаснам зошто ја напишав. Со безлична реченица. Ми се прди!
За Европа?
Ѝ се прди на Европа за нас, тоа писателот го напиша, а мене ми се прди и за Европа и за светот, кои безумноста ми ја пакуваат, демек во сериозен политички тетрапак.