Илинден

И годинава во општината Илинден се одржа велосипедската тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2025“, во организација на здружението МТБ-Илинден, со поддршка на Општина Илинден. На настанот официјално беа пријавени 200 велосипедисти од целата држава, додека неофицијално присуствуваа рекордни 250 учесници.
Стартната позиција беше пред спортската сала „Гоце Делчев“ во општината Илинден. Велосипедската тура се вози по асфалтен и земјен пат низ општината, во должина од околу 40 километри. Почнува од Марино кон Кадино, по регионалниот пат во Миладиновци, се исклучува по земјена патека сѐ до манастирот во Дељадровци, низ Мршевци, па до крстот во Бучинци, а на крајот се упатува кон Ајватовци и завршува на почетната точка – кај спортската сала „Гоце Делчев“. Се вози групно со паузи и се класифицира како средно тешка тура, што значи дека е потребна исклучителна подготвеност за нејзино исполнување.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, со краток говор ја отвори турата, посакувајќи им на сите учесници среќа и истрајност во исполнување на рутата, како и да не заборават да уживаат во убавините на општината Илинден.
За време на овој настан, од страна на велоучилиштето се организира и креативно-едукативна велоработилница за деца, каде што најмалите имаа можност низ игра и дружење да научат важни вештини за безбедно возење велосипед, како и за важноста од активен и здрав начин на живот.