Peskov
Фото: ЕПА

Русија ќе ѝ пружи помош на Северна Кореја доколку е потребно во согласност со договорот за воена соработка, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Меѓу нас веќе е на сила договор и според овој договор, земјите всушност се обврзуваат да си обезбедат значителна помош едни на други доколку е потребно – нагласи тој.

– Дејствијата на корејските единици кои помогнаа во ослободувањето на Курската област „покажаа колку ефикасно дејствуваат овие војски – истакна Песков.

Сепак, тој не одговори на новинарските прашања за тоа како севернокорејската војска добивала плата за време на операцијата во Курската област. „Ова (прашање) е повеќе за Министерството за одбрана“, истакна портпаролот на Кремљ.

Русија тврди дека операцијата за ослободување на Курската област завршила на 26 април. Началникот на Генералштабот Валериј Герсимов, во извештај до претседателот Владимир Путин, ја истакнал улогата на севернокорејската војска во поразот на украинските сили во областа.

Сепак, Киев ги негираше тврдењата дека неговите единици биле истиснати од Курската област.