Фото: Пиксабеј

Животни

Здраво и среќно милениче не значи само задоволување на основните потреби како храна и игра туку и доследна и соодветна грижа. Хигиената на кожата, ноктите и на забите не е луксуз – таа е основа на здравјето на секое куче или мачка. Редовната нега ги спречува болните состојби, хроничните болести и инфекциите, кои често остануваат незабележани додека не станат сериозен проблем.
Според Американскиот ветеринарен стоматолошки колеџ, правилната хигиена значително го продолжува животниот век и го подобрува квалитетот на животот на домашните миленици. Според препораките, кучињата треба да се капат во просек еднаш месечно, при што фреквенцијата се приспособува на типот на крзното и индивидуалните потреби. Употребата на шампони, кои се специјално формулирани за кучиња или мачки е клучна, човечките шампони ја нарушуваат рамнотежата на животинската кожа и може да предизвикаат иритација. За кучиња со алергии или склоност кон сува кожа, се препорачуваат благи навлажнувачки шампони без мириси или бои. Покрај капењето, секојдневното или редовно четкање ги спречува опаѓањето на крзното, проретчувањето и ја стимулира циркулацијата. Кучињата и мачките со долго влакно бараат почесто четкање, додека оние со кратко може да се четкаат еднаш или двапати неделно.
Хигиената на кожата директно влијае на здравјето. Болвите, крлежите и грините, доколку не се контролираат, можат да предизвикаат дерматитис, анемија или дури и да пренесат болести. Редовната контрола и употребата на антипаразитски агенси се најдобриот начин да го заштитите вашето домашно милениче.
Иако проблемите со забите кај домашните миленици често се занемаруваат, повеќе од 80 отсто од кучињата на возраст над три години веќе имаат некаква форма на заболување на непцата – факт нагласен од Американскиот ветеринарен стоматолошки колеџ. Бактериите што се акумулираат во усната шуплина не само што влијаат на забите и непцата туку можат да навлезат и во крвотокот и да ги оштетат срцето, црниот дроб и бубрезите. Основниот чекор за зачувување на здравјето на забите е нивното редовно миење. Идеално е секој ден, а најмалку трипати неделно. Не користете паста за заби наменета за луѓе – тие содржат флуориди и други состојки што се токсични за животните. Домашните миленици треба да се навикнат на постепено четкање, почнувајќи со нанесување паста на непцата и постепено воведување движења на четкање. Занемарувањето на денталната хигиена предизвикува воспаление на непцата, губење на забите, лош здив, болка, губење на апетитот и системски инфекции.
Премногу долгите нокти кај кучињата и мачките може да предизвикаат деформитети при одење, болки во шепите, па дури и повреди за кои е потребна ветеринарна интервенција. Навременото сечење на ноктите е исто толку важно како и хигиената на забите и кожата.