Фото: Маја Јаневска Илиева

Во Тетово вечерва од 19 часот и 30 минути почна седница на Централното претседателство на партијата Алијанса на Албанците (АА) на претседателот Арбен Таравари. Тој ја почна седницата повикувајќи ги присутните партиски членови да разговараат за претстојните локални избори.

Додека во тетовското седиште на партијата пристигнуваа членовите на највисоките партиски тела и лидерите на ограноците, Блеранд Рамадани, генерален секретар на АА изјави дека главната дискусија ќе се води околу нивниот пристап за локалните избори што треба да се одржат наесен.

– Ние овде дискутираме како ќе биде нашиот пристап до локалните избори, а еден од нашите главни адути е дека ние треба да ги бираме најдобрите кандидати. Не да се бориме за процентуално или кој каде ќе настапи, туку да најдеме механизам што ќе овозможи најдобрите кандидати внатре во „Вреди“ да излезат на виделина, бидејќи тие ќе бидат идни менаџери на тие општини – истакна Рамадани одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се одлучува за самостоен настап или заедно со коалицијата „Вреди“.

Прашан дали излегувањето од коалицијата „Вреди“ ќе значи и напуштање на Владата, Рамадани рече дека не може да даде одговор.

– Ова е хипотетичко прашање и не можам да ви дадам хипотетички одговор и кажав уште еднаш за нас. Главно е како ќе настапиме на локални избори и тука сме да го чуеме гласот на претставниците на оние коишто се дел од нашата голема фамилија – истакна Рамадани.

На прашањето дали е можно спојување со крилото на Зијадин Села, Рамадани оцени дека е политички потег кој е зависен од анализа.