ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈДОБРИТЕ ПОЕТСКИ ТАЛЕНТИ ВО ПРИЛЕП
Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, во петокот им беа врачени дипломи на учениците од основните училишта во градот што напишале најубави литературни творби за традиционалниот конкурс за основците, кој го распишува Клубот на литературните творци од Прилеп.
Настанот започна со пригоден говор на претседателката на клубот, Андриана Ристеска, која е и директорка на библиотеката, а следуваа рецитаторски изведби на петмина млади членови на клубот, кои ја почестија публиката со избор од македонската поетска класика: „Т’га за југ од Константин Миладинов, „Цветови“ од Славко Јаневски, „На гробот на Дениција“ од Петре М. Андреевски, „Молитва“ и „Враќање“ од Блаже Конески, а во изведба на Марија Мантова, Лина Димоска, Елена Јандреовски, Тамара Петреска и Филип Димкоски.
Со цел да се мотивираат учениците што повеќе да творат и да се дружат со книжевноста, на децата од сите училишта што учествуваа на конкурсот им беа доделени дипломи и книги за прва, втора и трета награда, како и на нивните ментори, а сите учесници добија благодарници за учеството.
Наградените учесници од сите училишта, на нивна радост и на радост на многубројната публика ги прочитаа своите творби и заслужено добија силни аплаузи. Водител на настанот беше поетот и новинар Филип Димкоски.
Клубот на литературните творци од Прилеп продолжува со своите активности за поттикнување на книжевното творештво и афирмација на локалните книжевни пера, па така, на 23 април по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, ќе се одржи портрет на прилепската писателка Марија Ѓорѓиоска, а кон крајот на мај во Прилеп ќе се соберат автори од сите краишта на Македонија, на традиционалните Мајски поетски средби.
Ф.Д.
Денес
Денес,
над крушевските гори,
штом тапани силно ќе згрмат,
штом песни до Прилеп ќе ечат,
од очиве мои долги реки течат.
Денес е Илинден,
таму каде химната се врежува во срцето наше,
свилено знаме се вее,
химната и песните надалеку
се слушаат,
а луѓе-врвулица, оддаваат
почит на хероите свои.
Духовите комитски,
летаат низ долините
македонски,
да се начудат не можат
по што сѐ наше посегнуваат,
она за кое тие со крвави раце се бореле,
и затоа сега во вечниот
дом почиваат.
Не прашувајте
кои сме и од каде сме
само спастрени ликови, пред ТВ-екраните,
прашајте го народот, но тој,
како душата своја во песна да ја скрил,
песна која гласи од Вардар, кон Пирин и Егеј.
Баба ми вели
дека е од Земјата под Сонцето,
најстариот оган кој никогаш не угаснал,
и ќе гори, а Ѕвездите нема да престанат,
да говорат на македонски.
Илија Јаневски,
9-3 одделение
Ментор: Виолета Христоска
ООУ „Блаже Конески“
-Прилеп
Една од првонаградените песни на конкурсот на
Клубот на литературните творци-Прилеп