Што е следно, кој е следен?

А само требаше да има мир. И одеднаш тоа изгледа килаво. Не било толку лесно. На толку вложени финансии за војните да се случат, тешко е сето тоа одеднаш да запре. И не запира. Напротив. Зеленски веднаш кажа дека војната мора да продолжи додека Русија не биде поразена. Некои велат дека и ништо друго не му преостанува за да опстане таму кајшто сега се наоѓа. Европа, со пар исклучоци, се истопори до Зеленски за да ни објасни дека до мир мора да се дојде само преку продолжување на војната. Па ни Русија не е баш спремна да дојде до мир со Украина, сега, кога дел по дел освојува територија.
За Израел и Палестина што уште да се пишува? Со нив е така од библиски времиња. Ишмаил и Исак никогаш нема да живеат заедно. Кој да знае зошто е тоа така? Бесмислено е секако. Нетанјаху си го тера геноцидот врз палестинските цивили. Хамас никогаш не ми бил сосема јасен. Ќе си рече човек, револуционери против окупатори, ама па секогаш кога тие дејствуваат, Израел експресно го намалува бројот на живи палестински цивили.
Битно миротворецот Трамп не сака војна. Не сака да војува со Хутите, ама мора. Не сака да размислува на страшна војна со Иран, но така налагаат околностите. Започна царинска војна со светот, влезе во економска војна со Кина, ама па тоа не е војна до истребување. Тоа што историјата покажала дека економските војни довеле до светски крвопролевања е друга приказна.
Затоа е тука мирољубивата Европска Унија втемелена на врвни цивилизациски вредности, кои изнедруваат прекрасни декларации со кои на цел еден народ му се забрануваат име, идентитет, самоопределување. Таа правдољубива Унија почна хумано и хармонично да се вооружува. Не како оние дивјаци наречени Руси што се вооружија. Европејците кога се спремаат да војуваат, тоа е како валцер по нежна љубовна оргија. Не дека они сакаат, ама принудени се, мора да ни донесат мир со сите расположени воени средства. Ги замислувам Урси, Стармер, Мерц и Макрон, страшни војсководци во моќни униформи, фрлаат оган од очите и правдољубие од устите кон Истокот каде што злото зборува руски и чекам да замаршираат вербално од своите удобни говорници, а веднаш потоа практично да испратат стотици илјади млади Европејци во сигурна смр… победа над лошите Руси. Макрон очигледно го нервира ова напнато исчекување, тој само што не влегол во хулахопките на Наполеон за да зајава во мајчи… накај Исток и што побрзо да почне со опсада на Москва, Санкт Петербург и здравата логика.
Ама прво мора да се превенира. Да се исчисти ЕУ од каколот. А-ха, мора да ѝ се забрани власт на онаа битанга од Романија што победи на избори, мора да се стави во затвор Французинката што може да победи на избори. Па тоа се едни гадни екстремни десничари што може да донесат деструктивна и разорна војна, за разлика од прогресивните леви и десни меки политичари, кои ќе ни сервираат конструктивна и хармонична воена приказна со холивудски хепиенд.
И нормално, нема глупа планетарна манџа без во неа и Балканците да се напикаат како мирудија. Секогаш вазалски настроените балкански лидери се спремни да ја заземат својата улога на пиони што се доживуваат како кралеви. Балканците се вооружуваат. Хрватска, Албанија и Косово прават воен сојуз. На тоа одговара Србија правејќи воен сојуз со Унгарија. Остана само уште Бугарите и Грците да се усојузат и сè е спремно за… па за дораспарчување на Македонија, само овој пат веројатно ќе имаат сенс и нема веднаш да нè нападнат. И зошто да се залетуваат кога можат слободно да нè остават сами да се изедеме меѓу себе.
А дојдено е такво време, нели? Кога пука филмот. Па вмровци се на власт, а тоа значи режим, диктатура, фашизам. Прашајте ја интелектуалната бижутерија, таа одма се појави со својата правдољубива нарација. Па како? Тие имаат воено искуство, од пленуми до шарени, од медиуми до експерти, еднаш веќе крвавеа и умреа, ама со пенкало срушија режим. Тоа пенкало му служеше на господинот Бејли за да си го чепка увото ако го зачеша, кога смислуваше како да смени власт што ќе промени име и идентитет на цела една нација. Се сети, спроведе, не му успеа, за малку изгуби на избори, па долета ЦИА во Тирана и донесе платформа. И на овие од декорот наречен шарена револуција сега новото име им ги плаќа сметките.
И, ете, интелектуалната бижутерија, која е родена како попаметна од сите нас небањати кои колку и да се трудиме, глупи сме, се јави како инстант врева за просветлување. Посебно оние секогаш неутрални шизики и хипстери. Мора да се признае, за време на претходната проевропска и демократска коалиција, откако ќе се случеше некаква катастрофа (по која човекот што Бог го крена од нива до ѕвезди, мудро нè прашуваше, е па што сега, да се посипеме со бензин и да се запалиме ли?), жестоко кенкаа на социјални мрежи преку строги статуси со кои ни посочуваа дека сите се исти и што, сега ВМРО ли да ги вратиме(?), ама кога режимот сепак се врати, а ножот е до коска, нема што друго да се прави, освен да се крикне, кој е следен? Со претходните на власт барем се знаеше кој е следен… од неутралниве прогресивни… да биде сместен во фотелја како бубрег во лој, како мир по донесена правда, како Богојевски денеска…

И јас се прашувам кој е следен? Не толку одамна, Сноуден ни обзнани дека сите сме следени. Знам дека оние претходните, нонстоп ме следеа, може по навика и сегашниве ме следат и не мислам на моето пишување, туку на живеење, дишење и воздивнување. И многу други, по старите добри удбашки методи беа следени. Некои од нив, по монструозен политичко-полициски монтиран процес од страна на власта, полицијата и судот, на кои и творците на Голи Оток можат да им позавидат, не беа само следени туку и проследени во затвори, откако невини ги осудија за тероризам на ненормални години робија. Како и да е, нема да ме зачуди ако наскоро посведочиме нешто толку оригинално што ни во Македонија некогаш, ни во Нордистан сега, не е видено, а ќе се манифестира така што ќе се истопори некој да ни објави како режимот следи и прислушкува и потоа… па не сум до толку пророк за да видам работи што можат да се случат, а претходно не се случиле. Среќа има силни мажи. Тие, откако ќе видат млади девојки на телевизија што и немаат баш што умно да кажат, ама многу слатко се кикотат, ги вадат по статуси своите пениси за да ни објаснат што ќе им направат. Тие исти мажи спречија, ако не се сеќавате, Македонија да стане Нордистан.