Фото: Принтскрин

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Гостивар изјави дека нема информација за недостиг на лекови во медицинските установи, ниту во оноколошката клиника. На утринскиот брифинг, како што потенцира, не бил пријавен проблем.

– Јас моментално немам информација дека има недостаток на некаков лек на онкологија, генерално ги имаме сите лекови. Инсулин, два дена недостасуваше, меѓутоа потпишавме анекс со компанијата што снабдува и тоа е решено. Во моментов, јас колку што знам, немаше проблем и колку што сум информиран на утринскиот брифинг со тимот кој го имавме во МЗ, немаше ваков проблем – изјави министерот  Таравари, по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

На прашањето на новинарите околу постапката за прием на нови специјализанти, тој кажа дека процедурата малку доцни заради ситуацијата што настана со трагичниот настан во Кочани.

– Во некои болници течат и огласите за специјализација. Во Гостивар се 12. Идната недела ќе тестираме околу 250 специјализанти. Распишани се стотина огласи во здравството и за сестри, болничари и за специјализанти. Малку задоцнивме, требаше порано, но случајот во Кочани малку го пролонгираше и се надевам до крај на месецот да заврши – рече Таравари по посетата на општата болница во Гостивар.