Овечкин, кој имаше шанса синоќа да постави нов рекорд, на дуелот на гости со Њујорк ајландерс, во петокот го постигна 894-от гол во НХЛ, колку што има и Грецки
ХОКЕЈ – НХЛ
Напаѓачот на Вашингтон капиталс, Александар Овечкин, го постигна својот 894-ти гол во Националната хокеарска лига (НХЛ) во кариерата и го израмни рекордот на сите времиња поставен од членот на Куќата на славните, Вејн Грецки, кој некогаш се сметаше за недостижен, пишува агенцијата „Ројтерс“. Вториот гол на Русинот Овечкин на натпреварот беше постигнат во третиот период за да му донесе водство на неговиот тим со 4-3 во победата на дуелот со Чикаго. Овечкин прими честитки од своите соиграчи и одвои еден момент да го прослави достигнувањето додека Грецки гледаше од трибините и аплаудираше, пишува „Ројтерс“.
– Сите уживаат во овој момент бидејќи тоа е нешто посебно. Да го направам тоа дома, пред семејството, пријателите, очигледно е дека и Вејн е тука, тоа е огромна чест, историски момент. Тоа е одлично. Тоа значи многу. Не знам што да кажам, толку сум емотивен. Никогаш не мислите дека можете да ја достигнете таа граница – изјави Овечкин, кој беше избран прв во генералниот избор од Вашингтон на драфтот за НХЛ во 2004 година.
Овечкин имаше шанса синоќа да постави нов рекорд, на дуелот на гости со Њујорк ајландерс. Голот го означи најновиот подвиг во блескавата кариера што еден ден ќе го внесе во Куќата на славните, пишува „Ројтерс“. Капитенот на Вашингтон ја почна сезонава со 41 гол помалку од Канаѓанецот Грецки, кој во времето на неговото пензионирање во 1999 година имаше или делеше неверојатни 61 рекорд во лигата, пишува „Ројтерс“. Овечкин ја почна сезоната со 15 гола во неговите први 18 натпревари и беше во чекор да го собори рекордот на Грецки во февруари пред да доживее скршеница на ногата во ноември, поради што пропушти 16 меча, најдолго отсуство во неговата кариера. Но Овечкин, еден од само тројцата играчи во историјата на НХЛ што постигнал 800 гола, продолжи токму таму каде што застана откако се врати. Меѓу неговите многубројни рекорди во лигата, Овечкин го помина Грецки во 2022 година за најмногу голови на гостински терен во НХЛ, а во 2024 година го престигна и за најмногу голови на празна мрежа во кариерата. Во 2018 година Овечкин го предводеше Вашингтон до првата титула и беше прогласен за најкорисен играч во плејофот, пишува „Ројтерс“. Н.М.