Меј вчера требаше да разговара со холандскиот колега Марк Руте, како и со германската канцеларка Ангела Меркел, откако го одложи гласањето за договорот во британскиот парламент. Шефицата на британската влада порача дека ѝ се потребни дополнителни гаранции за планот за границата на Северна Ирска, за да ја добие поддршката од пратениците

Британската премиерка Тереза Меј почна нова интензивна дипломатска турнеја и серија средби со европските лидери и претставниците на ЕУ, во последен обид да го спаси својот договор за брегзит. Меј вчера требаше да разговара со холандскиот колега Марк Руте, како и со германската канцеларка Ангела Меркел, откако го одложи гласањето за договорот во британскиот парламент. Шефицата на британската влада порача дека ѝ се потребни дополнителни гаранции за планот за границата на Северна Ирска, за да ја добие поддршката од пратениците. Но претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, јасно порача дека ЕУ нема повторно да преговара. Од друга страна, лидерот на британската опозиција Џереми Корбин ја обвини Меј дека нејзината влада се наоѓа во тотален хаос, пренесуваат британските медиуми.

Извори од британската влада истакнуваат дека во фокусот на разговорите со Брисел е прашањето за ирската граница, за кое Меј претходно призна дека ги предизвика гневот и загриженоста кај повеќето пратеници. Критичарите оценуваат дека начинот на кој е решено прашањето за ирската граница со сегашниот договор наметнува различни регулативи во Северна Ирска во однос на преостанатиот дел од Британија и оти постои ризик ваквото привремено решение да стане конечно.

Пратениците-бунтовници од владејачката партија се против т.н. ирска ограда, легално обврзувачки предлог за царински договор со ЕУ, која ќе стапи во сила ако двете страни не успеат да постигнат договор за идните односи, со кои се избегнува враќање на царинската контрола на ирската граница. Според конзервативните пратеници, тоа е неприфатливо, бидејќи ќе резултира со нови регулаторни бариери помеѓу Северна Ирска и преостанатиот дел на Британија и оти тоа ќе продолжи бесконечно, бидејќи земјата нема да може да замине без дозвола од ЕУ.

Од друга страна, опозицискиот лидер Џереми Корбин ја осуди одлуката на Меј да го одложи гласањето за договорот со ЕУ за брегзит во Долниот дом на парламентот. Според Корбин, ситуацијата е сериозна и без преседан.

– Владата на Меј ја загуби контролата и е во тотален хаос – истакна Корбин.
Лидерот на лабуристите, како што оценува Би-би-си, се надеваше дека ќе изнуди предвремени избори доколку Меј загубеше на гласањето во парламентот, изнесувајќи го за гласање прашањето за нејзината доверба.


Јункер: Нема место за нови преговори за брегзит

Првиот човек на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ја отфрли можноста за какви било нови преговори со Британија за брегзит. Јункер сепак додаде дека одредени делови од договорот „треба да се разјаснат“.
– Ако се искористи паметно, има доволно простор за понатамошно разјаснување и дополнително интерпретирање без отворање на договорот за повлекување. Постигнатиот договор е најдобриот можен, единствен можен договор – порача Јункер, кој синоќа требаше да се сретне со британската премиерка Тереза Меј.