Фото: Маја Јаневска-Илиева

Низ историјата и воопшто во животот секогаш доаѓаат точки во кои едно општество се прекршува, а тоа најчесто се случува кога истото тоа се соочува со некакви големи несреќи. Во такви околности, она што е клучно за опстојувањето на еден народ и нација е неговата сплотеност, односно да се држат сите заедно во тешките моменти и заеднички да ги надминуваат предизвиците

Обединети и сплотени, со кочанската и национална траума внедрена во незаборав, да исчекориме напред

Македонското општество се соочи со траурно и тешко збогување со прерано заминатите млади луѓе што настрадаа во кочанската дискотека минатиот викенд, оставајќи трајна лузна кај секој граѓанин што искрено сочувствува со болката и страдањата на оние што изгубија некој свој близок во оваа несреќа.
Не постои збор на утеха што ќе ја откорне болката од душите на родителите што вчера ги испратија своите најмили онаму каде што тие требаше први да заминат, а таа мачнина и тага уште долго ќе тлеат во нас како темна сенка над она што требаше да значи животна радост и среќа.
Сите се скршени, тагата и воздишките се присутни кај секој човек по улиците на Скопје, Тетово, Велес, Охрид, Гостивар, Битола, Куманово, Крива Паланка, Штип, Виница, Пробиштип, Прилеп, Гевгелија, Струмица и низ другите македонски градови. Тагата се гледа и во бдеењето и низ градовите во соседните држави, но во Кочани тагата го најде својот дом.
Единствениот излез од оваа македонска колективна трагедија може да се најде само преку нашето единство и сплотеност во вакви моменти, еднаш да застанеме на иста страна и меѓусебно да се охрабриме дека заедно ќе ја надминеме оваа злокоба што се надвиснала над нашите глави.
Низ историјата и воопшто во животот секогаш доаѓаат точки во кои едно општество се прекршува, а тоа најчесто се случува кога истото тоа се соочува со некакви големи несреќи. Во такви околности, она што е клучно за опстојувањето на еден народ и нација е неговата сплотеност, односно да се држат сите заедно во тешките моменти и заеднички да ги надминуваат предизвиците.
Кочанската трагедија е онаа точка на прекршување во македонското општество по која повеќе ништо нема да биде исто, но истовремено таа е и ќе биде нашиот потсетник дека ако и за вакви работи се демонстрираат неединство и политичко профитерство, тогаш македонското општество е засекогаш загубено.
Ова се моменти кога се потребни единство, емпатија, меѓусебно разбирање, за да докажеме дека сме ги разбрале сите наши пропусти и дека тие можат да се надминат само со заеднички сили.

Македонија како држава плати превисока цена во човечки животи во само неколку години за да се констатира дека системот е корумпиран до секое можно ниво, а општиот гнев и револт кај сите граѓани се повеќе од видливи и оправдани. Сите тие сакаат едно – пресметка со корумпираниот систем. Тоа треба да биде нуклеусот околу кој ќе се сплоти и обедини македонското општество, да се бараат бескомпромисна борба со корупцијата и демонтажа на нефункционалниот систем, како и негова замена со системски решенија што ќе се базираат врз стандарди и искуства за да можат работите да се направат подобри.
Истовремено, треба обединување и околу промената на граѓанскиот ментален склоп. Секој граѓанин треба да си го стави прстот на главата и секогаш и секаде да биде инспектор, да тргне од себе, да воочи и да ја каже секоја системска аномалија што ќе ја забележи за да не може таа да најде плодна почва и да се шири. Мора да се гради заедничка колективна свесност за она што не чини во општеството, наместо манипулаторите на системот и криминалците да се доживуваат како некакви своевидни идоли за тоа како брзо и лесно да се успее во животот. Тие ги користат и политичките конекции за да бидат недопирливи и да прават буквално што сакаат, без притоа да преземат каква било одговорност. Затоа е потребно обединување на сите македонски граѓани зад заедничката цел, – барање одговорност, отчетност и казни за сите што се огрешиле од законот и што манипулирале со системот за личен бенефит, наместо непречено да уживаат во благодатите на нелегално стекнатото богатство.
Со години пред секој поголем празник одекнуваа повиците на политичарите за обединување и сплотеност, но граѓаните знаеја дека тоа се само обични флоскули кажани пригодно само колку нешто да се каже, а во заднина со секој нивен потег уште повеќе се стимулираа внатрешните поделби.
Ова не е време за политики, партии, етнички прашања и што било друго, ова е време за будење на свеста, дека она што се случи тоа кобно утро на 16 март, мора да нѐ сплоти како никогаш досега. Оние млади луѓе што загинаа во Кочани, но и жртвите во модуларната болница во Тетово, во автобуските несреќи кај Ласкарци и на „Беса транс“,одземените животи во сообраќајки низ улиците, сите тие се крик што треба да одѕвонува во главата на секој совесен граѓанин да не стои пасивно отстрана, туку заеднички да се направи нешто.

Сега, во овој тежок момент, она што дава верба дека македонското општество може да се сплоти и да биде едно е помошта што секој граѓанин ја дава за семејствата на настраданите и повредените во несреќата во Кочани. Солидарност и емпатија доаѓаат од сите страни, но општествената сплотеност треба да ја мотивира и државата сега да му помогне на Кочани да застане на нозе во следниот период. Затоа е повеќе од потребно да се стимулира економскиот развој за да се отворат можности младите да останат таму оти една цела генерација отиде неповратно за само една ноќ, а ако и преостанатите млади си заминат низ белиот свет, тогаш градот ќе остане само споменик на една неповратно загубена генерација и старци во чии срца болката ќе остане вечно присутна.
Деновите на прогласена жалост ќе поминат, свеќите ќе догорат, но тагата во секој македонски граѓанин ќе остане уште долго, како и прашањето дали можеше поинаку. Колку и да ги бараме одговорите како општество во следниот период, луѓето загинаа, тие нема да се вратат. Затоа, за да не си го поставуваме и во иднина истото прашање, крајно време е како нација да се сплотиме и обединиме сите во градењето една поубава иднина за сите, за нас, за нашите деца, за нашите родители… Ако и оваа трагедија во Кочани не е доволна да нѐ обедини и да нѐ направи посилни, тогаш Господ нека ѝ е на помош на Македонија. С.Т.