Фото: МНР

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари утрово се во посета на повредените во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во две солунски болници, а министрите ги придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу, јави дописничката на МИА од Атина.

Државната телевизија ЕРТ објави дека Муцунски ѝ се заблагодарил на Грција и дека повредените се во добри раце, додека пак солунскиот портал „Тестивал“ објави видео и фотографии од пристигнувањето на Муцунски и Таравари пред болницата Папаниколау.

Новинската агенција АНА-МПА пишува дека двајцата министри ги посетија тројцата пациенти хоспитализирани на Одделот за изгореници во болницата Папаниколау и поразговараа со нивните родители, а веднаш потоа се очекува да ги посетат хоспитализираните во воената болница.

Министерот Јулекас говорејќи утрово за грчката телевизија „Опен“ рече дека заедно со Таравари ќе ги посетат повредените со изгореници кои се лекуваат во болницата Папаниколау и во воената болница 424 во Солун и „заедно со министерот за здравство ќе биде и заменик министерот за надворешни работи на Хаѕивасилиу“.

– Во секој случај сме во континуиран контакт со одговорните на блниците и лекарите кои ги следат за состојбата на повредените. Ова е трагичен случај, трагична несреќа, национална трагедија и за жал овие луѓе се во тешка ситуација. Грција уште од првиот момент ги отвори нејзините врати, вратите на болниците, како што е случај и со Турција и со други соседни земји да обезбедиме секаква можна помош за овие луѓе кои во овој тежок момент во нивните животи, водат тешка битка – рече Јулекас.

Министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека ќе ги посети пациентите кои се наоѓаат во болниците во Солун и Софија.

Во болницата Папаниколау се хоспитализирани три лица, а во воената болница во Солун други двајца повредени, сите со тешки изгореници.

Доцна синоќа, со авион Ц-130 на грчкото воено воздухопловство од Скопје во Атина беа префрлени тројца повредени во пожарот во Кочани и се хоспитализирани во атинската воена болница 401 на Одделот за повредени со изгореници.


Муцунски ѝ се заблагодари на Грција за помошта и посочи дека солидарноста не треба да се заборави

Ова беше најтрагичниот момент во историјата на мојот народ, момент што засекогаш ќе остане во колективната меморија, но исто така она што ќе остане во нашата колективна меморија и не треба никогаш да го заборавиме е солидарноста што ја добивме, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Солун.

По посетата на болницата Папаниколау, во изјава за грчките медиуми, шефот на дипломатијата истакна дека од она што биле информирани, „пациентите се во сериозна, но стабилна состојба“.

– Она што го видовме и посведочивме утрово е прекрасна медицинска помош. Ќе го цитирам она што ни го кажа главниот доктор кој се грижи за овие пациенти: „Вашите деца се наши деца“ – рече Муцунски.

Додаде дека некои од родителите барале во нивно име да изрази благодарност до докторите и до медицинскиот персонал за грижата што ја добиваат нивните деца, а паралелно упати благодарност и до Грција и грчкиот народ во името на нашата земја и народот.

– Заедно со мојот колега, министерот за здравство дојдовме денеска овде за да ја изразиме нашата благодарност, да се молиме дека никогаш нема да треба да возвратиме на ваков тип на длабока солидарност. Благодарност до грчките граѓани, до грчката Влада за нивната отвореност – истакна министерот.

За трагичното утро, рече дека еден од првите разговори што ги имал бил со неговиот грчки колега, Јоргос Герапетритис, додавајќи дека од Грција не само сочувство и зборови, постоеше и практична помош.

– Првите пациенти кои ја напуштија нашата земја беа оние кои дојдоа тука во Солун. Градот кој е блиску до нас од многу причини и кој се надевам дека нема повторно да биде блиску до нас од овие причини – рече министерот.

Потсети дека освен во Солун и во Атина се хоспитализирани повредени лица, кои синоќа беа пренесени со авион на грчкото воено воздухопловство, а паралелно се осврна и на помошта и од други земји.


Таравари: Сите пациенти хоспитализирани во Солун се во стабилна состојба

Сите пет пациенти примени во болниците во Солун се во стабилна состојба, објави министерот за здравство Арбен Таравари.

– Денеска во раните утрински часови заедно со министерот за надворешни работи г.Тимчо Муцунски и со Д-р Илир Вела дојдовме во Солун за да ја видаме состојбата на пациентите хоспитализирани овде. Само што излеговме од „Општата болница Г. Папаниколау“ и Војната Болница во Солун, сите 5 пациенти примени во овие болница се во стабилна состојба! Им благодарам на нашите колеги во Солун, грчкиот народ и влада за нивната посветеност и помош! Ќе ве информираме за другите пациенти! – напиша Таравари на Фејсбук.