Центар за култура во Кичево

Центарот за култура во Кичево ќе добие вкупно 2.170.000 денари за финансиска поддршка на 25 проекти на македонски и албански јазик што годинава треба да ги реализира Центарот за култура во Кичево. Најмногу средства, 350.000 денари ќе бидат наменети за меѓународниот фолклорен фестивал на народни песни и ора „Д-р Владимир Полежиноски“.
– Меѓу проектите за кои исто така ќе бидат наменети високи износи се Денот на албанската азбука и Младинската керамичка работилница за изработување и декорирање керамички производи во селото Вранештица, по 200.000 денари. Другите проекти ќе бидат поддржани со помали износи – рече портпаролката на Центарот за култура, Маја Николоска-Сиљаноска,
Според класификацијата на проектите што ќе бидат поддржани од Министерството за култура, влегуваат пет проекти од библиотечната дејност, а најголеми износи ќе бидат наменети за набавка на книги на македонски и албански јазик, по 175.000 денари.
– Од драмската дејност ќе бидат реализирани два поректа, и тоа „Господин Колперт“ од авторот Дејвид Гизерман, во режија на Михајло Петрески на македонски, и драмата „Братство или интерес“ на авторот Кристо Глоѓи, на албански јазик, со по 70.000 денари. Од областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн, ќе бидат поддржани шест проекти, а како што наведовме, најголем износ ќе биде наменет за младинската керамичка работилница, 200.000 денари. Од музичката и музичко-сценска дејност ќе бидат поддржани осум проекти, а најмногу средства ќе бидат наменети за школите за народни танци и ора на македонски и албански јазик, по 100.000 денари. Од областа на литературата и издавачката дејност, финансиски ќе биде поддржан единствено проектот Ден на македонската азбука и јазик, со 50.000 денари – нагласи портпаролката.

З.А.