Станува збор за многу динамичен проект со импресивни специјални ефекти, чија премиера е најавена за годинава

„Инатиум. Ситна светлина надеж во бесконечниот темен универзум. Ова небесносино парче скапоцен камен беше причината за мир и благосостојба низ универзумот сѐ до еден ужасен ден. Во сега веќе разурнато Скопје гледаме како вселенскиот брод константно го емитува светлечкиот сноп црвена плазма со цел да ја апсорбира енергијата од јадрото на планетата…“ Вака звучи краткиот исечок од сценариото на првиот 30-минутен македонски научнофантастичен филм, со наслов „Инатиум“, во режија на Игор Стојановски.
Станува збор за многу динамичен проект со импресивни специјални ефекти, чија премиера е најавена за годинава. Филмот е во изработка на „Старфал филм академија“ и „Старфал продукција“. Сценариото е напишано од Кристијан Поповски, прв асистент на режија е Бојан Јуруковски, а режисер на сет е Гоце Цветановски.
Филмот ја раскажува вечната битка помеѓу доброто и злото. Тоа е приказна за истрајноста и одлучноста, како и за надежта на протагонистите да се спротивстават на негативните сили. Во универзум на работ од уништување, древниот кристал инатиум е клучот за спас.
– „Инатиум“ ги спојува зачудувачките визуелни ефекти со моќна приказна. Од динамичниот дизајн на ликови до сложеното создавање на светот, секој детаљ е дизајниран за да остави траен впечаток. Нашиот тим од индустриски експерти, поддржан од години практично искуство, го оживеа ова визионерско дело претворајќи ја нашата страст за дигитално филмско творештво во незаборавно патување за публиката – изјави режисерот Стојановски, кој е и продуцент на филмот.
Главните улоги на суперхерои, кои се борат со злото, ги играат Сашко Коцев и Бојана Нушкова, за кои Стојановски вели дека одлично ја завршиле својата работа.
– Сашко Коцев, нашиот етаблиран актер, со своето искуство и вештина во актерската игра ја доловува приказната на специфичен начин, а талентираната Бојана Нушкова со својот професионален пристап, иако дебитантка во улогата на главен актер, покажа сериозен актерски потенцијал – рече Стојановски, откривајќи дека дејството на филмот се одвива на градскиот плоштад во Скопје, што на оваа дело му дава дополнителна специфичност и чувство на патриотизам и припадност кон родната земја.
Тој говореше и за деталите, чувството да се создаде свет на спектакуларни вонземски бродови, моќни артефакти и незаборавна атмосфера.
– Овој проект ги комбинира најновите технологии со креативна визија, покажувајќи ја нашата способност за реализација на висококвалитетна продукција со холивудски стандард. Преку волшебни визуелни сцени на галактички војни, распаѓање на цивилизации и свети ритуали, „Инатиум“ ја истражува вечната борба помеѓу светлината и темнината – додава режисерот и продуцент Игор Стојановски.
Уникатните костими на суперхероите во филмот ги изработија Фросина Ангеловска (костимот на Бојана) и Бојана Стевковска (костимот на Сашко).