Најновиот оглас за вработување 300 војници во Армијата на Република Македонија без оглед на нивната етничка припадност, без „етнички проценти“ колкумина Албанци, колкумина Македонци, колкумина од други етникуми ќе бидат вработени, туку само со земање предвид на стручноста и способноста, е почеток на една нова пракса во Македонија. Отфрлањето на контроверзниот и неправеден урамнотежувач – балансер е, од политиколошки аспект анализирано, и значи нормализирање на политичкиот систем во негов важен дел – правичната и соодветна застапеност, за која се бараат и ќе бидат најдени нови соодветни и вистински решенија, за да не се повторат повеќе сите досегашни и многубројни злоупотреби и карикатурални конкурси за вработувања. Овие „воини“ му се неопходни на системот за борба против корупцијата и криминалот, борба за сигурност и граѓанска безбедност во сите сфери на македонското општество
Повод: АРМ без „етнички клучеви“ – почеток на нова пракса без етничка дискриминација во вработувањата
„Ги повикувам сите граѓани, без разлика на етничката припадност, сите што сакаат да бидат вклучени во безбедносниот систем. Тука нема проценти – ќе биде примен секој што ќе ги исполни условите. Сите, буквално сите, коишто сакаат да учествуваат во одбраната на нивната татковина“. Ова е повик на претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, до сите заинтересирани млади луѓе да се пријават на претстојниот оглас за прием на 300 професионални војници во Армијата на Република Македонија ако сакаат да се вклучат во одбранбено-безбедносниот систем на државата. Но оваа изјава на македонскиот премиер, неговото нагласување дека ќе бидат примени сите што ги исполнуваат условите, без оглед на нивната етничка припадност, без примена на проценти, поточно кажано без „етнички клучеви“ во вработувањата, има подлабоко и подолгорочно значење: ова треба да биде прв случај на вработување без примена на неправедниот и, слободно може да се каже со оглед на злоупотребите во праксата, на исчашениот механизам таканаречен „балансер“, односно урамнотежувач.
Како се спроведуваше балансерот
Досега во повеќе наврати имаме пишувано за балансерот, кој нејасно во јавноста се дефинира како некаква „едноставна административно-техничка алатка или методологија“, всушност концептуално претставува една од есенциите на Охридскиот рамковен договор, кој 23 години е на границата на тоа дали е спроведлив или не, но и какви се последиците од него врз македонската државност. Балансерот, кој случајно или со намера првпат се промовира и воспоставува како политичко-дипломатски, за жал, и уставен термин, е нешто што многу ретко, ако и воопшто, може да се сретне во меѓународната политика за содржина на документ со таква важност донесен во воена состојба. Самиот термин, впрочем како и Охридскиот договор, сите овие години се користи како оправдување политички состојби, без елементарно да се конкретизираат или елаборираат Охридскиот договор и неговата целосна и недвосмислена примена.
Во своја објава преку Фејсбук не случајно пред половина година д-р Мирјана Најчевска, долгогодишна професорка по човекови права во Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања, имаше укажано дека со урамнотежувачот се нарушуваат основните човекови права и оти е тој основа за дискриминација. „Всушност, со балансерот се нарушуваат основните човекови права и тој претставува основа за дискриминација и секако начин на депрофесионализација на администрацијата“, посочи Најчевска преку социјалната мрежа на 19 септември 2024 година.
Посебен куриозитет и пример за уривање и исчашување на принципот на правична застапеност и на механизмот на балансерот беше и „правичната застапеност“, која ја спроведуваше поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби од ДУИ во „своето“ Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководеше до ланските парламентарни избори: од вкупно 294 вработени, повеќе од 90 проценти биле Албанци, поточно само петмина беа Македонци, ниеден Турчин, ниеден Ром, ниеден Србин, ниеден… А токму таму требаше да се градат и да се одразуваат односи на правична застапеност кон етничките заедници!
Системот на заслуги и компетентноста како единствен критериум за вработување и унапредување
Имајќи ги предвид сите многубројни злоупотреби на балансерот и неговата контроверзност како механизам за постигнување правична и соодветна етничка застапеност, со отфрлање на принципите на заслугите, професионалноста и работните и образовни квалификации при вработувањата во државната и јавната администрација во Македонија, во септември 2024 година Уставниот суд на седница поведе соодветна расправа околу балансерот. „Дали со наведувањето на припадноста на заедницата, којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со ‘обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу преостанатите лични податоци да наведат и припадност на заедница’ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување?“ Ова прашање беше посочено во септемвриската расправа на Уставниот суд, кога неговиот претседател и како судија-известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, Дарко Костадиновски, нагласи дека апсолутно не зборуваат за укинување нечии права.
– Ниту даваме ниту укинуваме некои права. Оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел. Само системот на заслуги и компетентноста треба да бидат единствен критериум за вработување и унапредување – посочи тогаш Костадиновски, укажувајќи дека оваа одлука е во корелација со реакцијата на Европската комисија, која побара основен критериум при вработувањето во државната администрација да бидат квалитетот и стручноста, а не етничката припадност.
Со ваквата одлука на Уставниот суд практично се отвори пат конечно во државните институции во преден план да дојде квалитетот и професионализмот на вработените, а не нивната етничка припадност. Најдобрите кандидати да добијат предност при вработувањето, независно од која етничка припадност се декларираат. Само на тој начин ќе се подигне квалитетот на работата и ќе се избегнат злоупотребите што досега се правеа и создаваа дополнителна нервоза кај вработените.
Оттаму, од јавноста може само да биде поздравен најновиот оглас за вработување 300 војници во Армијата на Република Македонија без оглед на нивната етничка припадност, без „етнички проценти“ колкумина Албанци, колкумина Македонци, колкумина од други етникуми ќе бидат вработени, туку само со земање предвид на стручноста и способноста, е почеток на една нова пракса во Република Македонија.
Отфрлањето на контроверзниот и неправеден урамнотежувач – балансер е, од политиколошки аспект анализирано, и значи нормализирање на политичкиот систем во негов важен дел – правичната и соодветна застапеност, за која се бараат и ќе бидат најдени нови соодветни и вистински решенија, за да не се повторат повеќе сите досегашни и многубројни злоупотреби и карикатурални конкурси за вработувања.
Свето Тоевски