Предизвици (6)
Во неколку продолженија ќе понудам размисли запредизвиците – глобални, регионални, државни, институционални…, со кои ќе се соочиме во и по 2025 година.
Денешниов текст е шести од серијалот
Постојат повеќе мислења зошто се распадна Југославија. Дали трите столба на повоениот развој на Југославија: самоуправниот социјализам, движењето на неврзаните и уникатното федерално уредување беа причина за нејзиниот насилен распад? Дали овие три столба беа несоодветни и предвремени или, пак, нивната имплементација ја однесе Југославија предалеку и така го изнедри нејзиниот колапс? Дали земјата се распадна бидејќи никогаш целосно не беше имплементирано работничкото самоуправување? Дали нејзиниот економски модел беше инхерентно неодржлив и неефективен, додека, пак, нејзиниот развој, всушност, се должеше исклучиво на задолжувања?
Ако последните два текста од серијалот за предизвици имаат дистописки предзнак, денешниов есеј, за некои читатели, ќе прозвучи утописки. Во „Капитал и идеологија“ (англ. „Capital and Ideology“, 2019 г.), Тома Пикети – професор на Париската школа по економија, тврди дека општествата користат идеологии за да се оправда (инаку неоправданата) нееднаквост: нееднаквата распределба на можностите, добивките и богатството, при што се создава циклус: нееднаквоста ја поттикнува идеологијата, идеологијата иницира „опсег од контрадикторни дискурси“, што создаваат „доминантен наратив“, наративот доведува до правила, правилата ја зајакнуваат нееднаквоста, којашто генерира повеќе идеологија. Неолиберализмот – политичката филозофија на капитализмот доминантна во некои држави во последните четириесет години, според Бранко Милановиќ, замина засекогаш од политичката сцена оставајќи зад себе смрдеа на лаги и нечесност: „неолиберализмот повикуваше на еднаквост, но доведе до раст на нееднаквоста без историски преседан; повикуваше на демократија, додека сееше конфузија, раздор и хаос; зборуваше против владејачките класи, притоа создавајќи нова аристократија на богатство и моќ; неолиберализмот бараше почитување на правилата што самиот ги кршеше; финансираше систем на научено лажење што ги пренесуваше полулагите како вистини“ („До финската станица“, англ. „To the Finland Station“, Бранко Милановиќ, 2025 г.).
Основната порака на Пикети во книгата „Капитал и идеологија“ е кристално јасна: на светот му треба подобра политичка филозофија – тоа, според неговото мислење, е идеологијата „партиципативен социјализам“, што подразбира, прво, проширување на демократските принципи во економијата: (1) учество на работниците во управните одбори на компаниите, на пример „половина од местата во бордот во сите приватни фирми, големи или мали, ги поседуваат работниците“, (2) создавање „вистинската општествена сопственост на капиталот“ (стр. 972-973) и (3) промена на „правниот систем“ за да се постигнат „праведна плата“ и „еднаква распределба на економската моќ“ (стр. 1.003); и, второ, воспоставување „систем на прогресивно оданочување на богатството“ заснован на „способност за плаќање“ (стр. 996,); покрај данокот на доход, данокот на наследство и прогресивниот данок на емисиите на јаглерод, новиот данок на богатство треба да вклучува „универзална донација на капиталот и амбициозна социјална држава“. Книгите на Пикети се вистински бестселери, неговите оспорувачи и поддржувачи, сепак, се согласни дека прашањата што тој ги анализира: зголемената нееднаквост, нееднаквиот пристап до образованието, приматот на националната држава и нејзината улога во глобалната распределба на богатството се круцијални за иднината на светот.
Партиципативен социјализам – веќе видено, нели? Во дваесеттиот век сите социјалистички земји, повеќе или помалку, експериментираа до одреден степен, меѓутоа, според голем број истражувачи, Југославија беше веројатно најподложна на експерименти. Тргнувајќи од создаденото дека ништо „не може да биде толку свето што не може да биде заменето со подобро, понапредно, похумано“, повоениот развој на Југославија беше проткаен со креативни обиди да се усогласи функционирањето на земјата, во и надвор од нејзините граници, со начелата на марксизмот, што резултираше во формирање три структури: самоуправен социјализам; независна и принципиелна надворешна политика, вкоренета во идеалите за солидарност, еднаквост и мир; и уникатен облик на федерално устројство. Во денешниов текст нема ги дискутирам разликите меѓу самоуправниот социјализам, партиципативниот социјализам и социјалдемократскиот капитализам, меѓутоа, само ќе потенцирам дека, според предлогот на Пикети, партиципативниот социјализам подразбира многу повеќе од прогресивно оданочување и редистрибуција на приходот и богатството, поделба на моќта, остварување на работничките права, реализирање праведно образование и се заснова на правни, фискални и социјални правила што се дизајнирани да обезбедат постојана циркулација на имотот и моќта.
Постојат повеќе мислења зошто се распадна Југославија. Дали трите столба на повоениот развој на Југославија: самоуправниот социјализам, движењето на неврзаните и уникатното федерално уредување беа причина за нејзиниот насилен распад? Дали овие три столба беа несоодветни и предвремени или, пак, нивната имплементација ја однесе Југославија предалеку и така го изнедри нејзиниот колапс? Дали земјата се распадна бидејќи никогаш целосно не беше имплементирано работничкото самоуправување? Дали нејзиниот економски модел беше инхерентно неодржлив и неефективен, додека, пак, нејзиниот развој, всушност, се должеше исклучиво на задолжувања? Ако во просек, југословенската економија растеше со стапка од 6,2 проценти годишно во периодот 1955 – 1975 година, наспроти 5,2 проценти во Бугарија, 3,5 проценти во Унгарија, 3,8 проценти во Франција и 4,0 проценти во Германија, тогаш дали економските проблеми на Југославија во периодот 1973 – 1982 г. се последица на колапсот на монетарниот систем Бретон Вудс? Дали примарниот политички мотив за нејзиниот распад беше распространето чувство на неправда што произлезе од несигурноста што ја чувствуваа луѓето во однос на нивниот колективен идентитет, нивните права и нивните очекувања во однос на претстојните политички и општествени промени? Или, дали моделот на Југославија за современите капиталистички држави и нивниот концепт „крај на историјата“ беше премногу праведен и визионерски, па, оттука, таа требаше да се распадне? Причината за распадот на Југославија, според моето мислење, е комплексен спој на потврдните одговори на сите овие прашања.
Во трудот „29 ноември: Основање на нова Југославија“ (објавен во „ЛИНКС – Меѓународен весник за социјалистичка обнова“, 2024 г.) Дмитриј Пожидаев, нудејќи поглед на Југославија, ќе рече: „Со својот висок степен на федерализација, каде што одлучувањето се засноваше на консензус меѓу републиките и автономните покраини и каде што републиките имаа право да стапат во билатерални односи со други држави, …, социјалистичка Југославија со право може да се смета за претходник на денешната ЕУ. Нејзината структура се обиде да ги балансира националните аспирации со потребата за единство, нудејќи рамка на заеднички суверенитет што ги повторува основните принципи на ЕУ“. Оттука, Пожидаев се прашува: „Дали ЕУ, соочена со сопствените тензии – кои се движат од зголемен национализам до економски нееднаквости – може да избегне слична судбина? Какви поуки може да се извлечат од напорите на Југославија да ги држи различните заедници заедно под заедничка визија и нејзиниот неуспех да го одржи ова единство во услови на растечки внатрешни поделби?“. Неговата статија завршува со констатацијата: „Денес наследството на Југославија повикува на обновено размислување за нејзините храбри експерименти во самоуправувањето со работниците, нејзината независна и напредна надворешна политика и нејзината цврста посветеност на единство и солидарност. Останува моќен потсетник дека дури и во поделен и нееднаков свет, алтернативната визија за глобалната и домашната политика – вкоренета во еднаквоста, правдата и колективниот напредок – не само што е можна туку е и суштинска“.
Во еден друг труд (станува збор за трудот „Capital, Power and the Learning of Justice“,Œconomia, 11-1, 2021, 207-227) Пикети, коментирајќи ја својата книга „Капитал и идеологија“, ќе рече: „поимот ‘партиципативен социјализам’ се однесува на една од можните траектории што ќе се реализираат во догледно време, …, не на краток рок, …, (траекторија) иницирана од некоја голема социјална и политичка криза, која, како што тврдам во мојата книга, би можела да биде предизвикана од идна еколошка криза“. Дали нашите општества некогаш ќе може да се засноваат на сосема поинаков пристап на концептот поседување? Дали некогаш ќе живееме во свет што повеќе личи на светот што го замисли Урсула Ле Гвин во „Човекот со празни дланки“ (англ. „The Dispossessed“, 1974 г., српски превод „Човек празних шака“, 1987 г.)? Дали некогаш ќе живееме во свет во кој ќе го пишувам денешниов есеј на компјутер што го користам, седејќи на работна маса што ја користам, живеејќи во куќа што ја користам – општество во кое повеќе не постојат присвојни заменки? Во книгата „Грција и повторното откривање на политиката“ (англ. „Greece and the Reinvention of Politics“, 2018 г.), Ален Бадју ќе напише: „Мора да се вратиме на суштинската изјава на Маркс во ‘Комунистичкиот манифест’, каде што тој одеднаш изјавува дека сè што кажува може да се сведе на една единствена точка: укинување на приватната сопственост“. Дали можеби светот што го предлагаат Ле Гвин и Бадју е само анархистичка утопија? Катастрофалниот неуспех на досегашните обиди на социјалистичките држави за градење поправедни општества покажува дека не постои едноставен пат од денешниот свет во светот на Ле Гвин и Бадју. Сепак, иако можеби патот е сложен, длабоко сум убеден дека треба, во догледно време, светот да зачекори по него.