Фото: Влада

Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, во посета на нашата држава

Јандроковиќ: Хрватска високо ги цени сите ваши достигнувања и мисли дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на вашиот пат кон Европската Унија. Хрватска вложи многу дипломатски напори за да се донесе одлуката за почнување на преговорите, и тоа токму кога Хрватска претседаваше со ЕУ. Но, за жал, и по пет години, вашите преговори со Европската Унија сѐ уште не се формално отворени. Тоа не е коректно…

Во тридневна посета на Македонија вчера допатува претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ. Тој имаше исклучително плодни средби со највисоките претставници на државното раководство на Македонија. На средбите беше изразена заемна поддршка од двете држави, а воопшто не беа изненадување изразите на блиски политички и повеќе од пријателски односи на Хрватска и Македонија.
Претседателот на хрватскиот Сабор имаше исклучително отворено пријателско, покровителско, со почит и доверба обраќање до пратениците во македонскиот парламент.

Фото: Киро Попов / ppj.mk
Фото: Киро Попов / ppj.mk

– Пријателството меѓу Хрватска и Македонија е многу силно и тоа го чувствувам на секој чекор. Тоа трае многу подолго од 33 години, кога беа воспоставени нашите дипломатските односи. Нѐ врзуваат заедничка историја, почитување и искрена симпатија, а дополнителен мост на пријателството се македонското малцинство во Хрватска и Хрватите во вашата татковина – истакна Јандроковиќ во обраќањето во македонското Собрание.

Фото: Киро Попов / ppj.mk

Претседателот на хрватскиот Сабор подвлече дека имаме забележителна заемна соработка во сообраќајот, прехранбената и хемиската индустрија, енергетиката и во ИКТ-секторот, како и во туризмот, при што спомна дека над 50.000 македонски туристи лани ја посетиле Хрватска и тој број постојано расте. Тоа што македонски граѓани одат на работа во Хрватска, како што рече, ја покажува позитивната економска размена.
– Нѐ поврзуваат и економската соработка и билатералната трговска соработка и размена, која расте и надмина 320 милиони евра во 2023 година, а во 2024 година беше уште повисока. Ние сакаме да ја зголемиме таа стопанска рамка и да се воспостават нови стопански иницијативи… Ве повикувам да ги искористиме сите можни форми на билатерална соработка, особено меѓу пратениците на нашите два парламента, како и меѓу нивните стручни служби – изјави Јандроковиќ во своето обраќање пред пратениците во Собранието. Наедно, претседателот на хрватскиот Сабор во своето обраќање пред пратениците изрази искрена надеж дека партнерството во НАТО ќе биде надградено и со нашето членство во ЕУ.

Фото: Киро Попов / ppj.mk

ЈандроковиЌ: На Хрватска ѝ е исклучително важно што одлуката за отворањето на преговорите со Македонија била донесена за време на претседавањето на Хрватска со ЕУ

Јандроковиќ во македонското собрание нагласи дека „на Република Хрватска ѝ е многу важно што одлуката за отворањето на преговорите со С. Македонија и Албанија била донесена за време на нивното претседавање со ЕУ, во март 2020 година“.
– Тогаш Хрватска вложи многу дипломатски напори за да се оствари тоа. Но, за жал, и по пет години, вашите преговори со Европската Унија сѐ уште не се формално отворени. Тоа не е коректно. Го разбираме нетрпението на вашите жители. Република Хрватска високо ги цени сите ваши достигнувања и мисли дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на вашиот пат кон Европската Унија. Од сопствено искуство ви велиме дека треба да истраете, од денешна перспектива, тој пат и тие реформи навистина се исплатеа – даде поддр-шка Јандроковиќ.


Фото: Влада

Претседателот на хрватскиот Сабор примен од македонскиот премиер Мицкоски

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера во Скопје го прими во официјална посета претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ. На средбата, двајцата високи држави функционери разговарале за унапредување на билатералните односи и поддршката на европскиот пат на Македонија

– Денеска остваривме средба со претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, на која разговаравме за унапредување на билатералните односи и поддршката на европскиот пат на Македонија. Хрватска останува наш важен партнер и пријател, а заедничките иницијативи ќе продолжат во духот на стабилност, просперитет и заемна поддршка – изјави за јавноста македонскиот пре-миер Христијан Мицкоски.


Иницијатива на Заедницата на Хрватите во Македонија:

Хрватите да влезат во македонскиот Устав

Претставници на хрватското малцинство во Македонија на средбата со претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, изнесоа свој заеднички став дека „за Хрватите во Македонија би имало голем бенефит вклучувањето на хрватското национално малцинство во Уставот на Македонија“. Хрватите во Македонија сметаат дека „тоа е во заеднички билатерален интерес на двете држа-ви, Хрватска и Македонија, но е и висок интерес на две блиски нации, во смис-ла на развојот на односи од таков формат, одржувањето на историските врски на меѓусебно уважување, признавање, поддршка и повеќеслојна принципиелна соработка на економски, бизнис, трговски, културен, научнообразовен, здравствен и, секако, спортски план“. Хрватите во Македонија сметаат дека со вклучувањето на Хрватите во Уставот „ќе се олесни одржувањето на нивниот идентитет“ во државава. На официјалната средба со Јандроковиќ во хрватската амбасада во Скопје, претставниците на Заедницата на Хрватите во Македонија порачаа дека „ги негуваат хрватскиот јазик, историја и наследство, но ги посо-чија и предизвиците во областа на образованието, културата и медиумското претставување во нивните активности“. Во врска со бенефитите што би ги до-нело вклучувањето на хрватската национална заедница во Уставот на Републи-ка Македонија, претседателот на хрватскиот Сабор истакна дека „хрватскиот Сабор работи на промоција на хрватското наследство во Македонија“.


Македонците се дел од Уставот на Република Хрватска

За потсетување, Македонците, заедно со други малцинства што живеат во Хрватска, се дел од преамбулата на Уставот на Република Хрватска. Во продолжение, заради информирање на македонската јавност, приложуваме извадок од преамбулата на хрватскиот Устав, каде што Хрватска е дефинирана како „национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства“, на кои „…им се гарантираат еднаквост со хрватските граѓани на националностите и остварување на националните права во согласност со демократските норми на ООН и земјите на слободниот свет“.
„Поаѓајќи од презентираните историски факти и општоприфатените принципи во современиот свет и неотуѓивоста и неделивоста, непреносливоста и неисцрпноста на правото на самоопределување и државност, суверенитетот на хрватскиот народ, вклучително и неоштетеното право на отцепување и здружување, како и Република Хрватска ги воспоставува основните предуслови за мир и стабилност на меѓународниот поредок како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Срби, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи, Германци, Австријци, Украинци, Рутени, Бошњаци, Словенци, Црногорци, Македонци, Руси, Бугари, Полјаци, Роми, Романци, Турци, Власи, Албанци и други, кои се нејзини граѓани, на кои им се гарантираат еднаквост со хрватските граѓани на националностите и остварување на националните права во согласност со демократските норми на ООН и земјите на слободниот свет“, пишува во хрватскиот Устав.