Општина Штип денеска ќе го достави проектот до министерствата за култура и туризам и за локална самоуправа за реконструкција на Акрополот на тврдината „Исар“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска информираше дека проектот ќе се финансира преку вториот јавен повик за искористување на средства од унгарскиот заем.
– Децениски сон на штипјани, коишто досега се замислувале како некогаш изледала тврдината „Исар“, синонимот и симболот на градот Штип, конечно проектот којшто го добивме од страна на Музеј-Штип успеавме да обезбедиме финансирање преку Владата на Република Македонија, нешто повеќе од 1,6 милиони евра се средства предвидени за изградба на тврдината „Исар“ – изјави Јорданов.
Проектот предвидува комплетна реставрација, реконструкција на Акрополот и изградба на три кули кои ќе бидат поврзани со ѕидини високи четири метри.
– На ѕидините сите посетители ќе имаат можност да се движат и да имаат прекрасен поглед на градот Штип. Очекувам во наредниот период по завршувањето на тендерската постапка да се започне со реализација на овој значен проект за нашиот град и со тоа Штип да го промени визуелниот изглед онака, како што заслужуваат нашите сограѓани – рече Јорданов.
Проектот предвидува и целосно осветлување, пристапни скали можност за движење на посетителите до и во самата тврдина.