Фото: Маја Јаневска-Илиева

Движењето на основната каматна стапка на која било централна банка, па и на НБРМ, секогаш претставува сигнал за деловните банки дека со тоа се менува ригидната монетарна политика и дека и тие треба постепено да се приспособуваат кон таквите промени, поради економијата и бизнисите, секако. Во случајот на македонските банки тоа ќе значи одредено, но не многу значително, намалување на нивните активни и пасивни каматни стапки. За претпријатијата тоа ќе биде благопријатно во правец на намалување на нивните банкарски трошоци, а со тоа и поттик за позасилено инвестирање во нивните актуелни и идни активности, велат експертите со кои се консултиравме

Во насока на нормализирање на поставеноста на монетарната политика

Може ли стопанството и граѓаните да очекуваат во следниот период помали камати на заемите од комерцијалните банки? Какви се изгледите за намалување на каматите по последната одлука на Народната банка на Македонија да ја намали каматната стапка на благајничките записи?
Вообичаено економистите и банкарите потврдуваат дека комерцијалните (деловни) банки ги следат „насоките“ на НБРСМ, а токму каматата на благајничките записи е еден од нивните главни инструменти во монетарната политика. Сосема е за очекување дека во следниот период може да има промени кај каматните стапки со кои банките ги издаваат кредитите, но, сепак, банкарите велат дека тоа ќе зависи од внатрешните анализи и од состојбите во секоја банка поединечно.
– Продолжува внимателното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. На седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,2 процентни поени на ниво од 5,35 отсто. Ваквата промена во монетарната поставеност е одраз на поволните трендови кај инфлацијата и девизните резерви, а при присутни ризици од надворешно окружување. Има и ризици од домашните фактори, кои влијаат врз агрегатната побарувачка – истакнаа од НБРСМ, додавајќи дека одлуките ги носат со следење на одлуките на Европската централна банка, која исто така ги намали каматите за благајничките записи.
Вообичаено со намалени референтни стапки на централните банки се намалуваат и каматите кај деловните банки, но процесот не се случува прекуноќ, напротив, потребен е подолг период за анализа.
– Движењето на основната каматна стапка на која било централна банка, па и на НБРМ, секогаш претставува сигнал за комерцијалните банки дека со тоа се менува правецот на монетарната политика и дека и тие треба постепено да се приспособуваат кон таквите промени. Во случајот на македонските банки тоа ќе значи одредено, не многу значително, намалување на нивните активни и пасивни каматни стапки. За претпријатијата тоа ќе биде благопријатно во правец на намалување на нивните банкарски трошоци, а со тоа и поттик за позасилено инвестирање во нивните актуелни и идни активности – објаснува професорот Томе Неновски.
Од друга страна, НБРСМ во последната анкета за кредитна активност укажува дека банките најавуваат подобрување на условите за кредитирање на компаниите.
– Во четвртиот квартал на 2024 година, анкетата укажува на натамошно нето-олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, послабо во споредба со претходниот квартал. Сепак, најголемиот процент од банките, околу 98 отсто, укажуваат на непроменети кредитни услови. Нето-олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во четвртиот квартал е во согласност со очекувањата за нето-олеснување дадени од банките во претходната анкета, но послабо. За првиот квартал од 2025 година, се очекува натамошно, но поумерено нето-олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити – пишува во анализата на Народната банка на Македонија.
Но што покажуваат бројките. Последните податоци упатуваат на промена кај каматните стапки на банките, кои одат во надолна линија, а просечната каматна стапка на вкупните кредити издадени во јануари 2025 година спадна на 5,21 проценти. Притоа е утврдено дека на месечно ниво намалувањето е 0,09 процентни поени, додека на годишно ниво 0,34 процентни поени. За споредба, пред само една година, или во јануари 2024 година, просечната камата на кредитите достигнувала 5,55 проценти.
Ако се погледнат податоците на НБРСМ, ќе се види дека кај новоодобрените кредити, каматите се пониски. Па така, во јануари 2025 година просечната камата на новоодобрените кредити изнесувала 4,70 проценти, додека една година претходно таа била 5,22 проценти.
Податоците исто така покажуваат дека има разлика меѓу каматите на кредитите за компаниите и за домаќинствата. Па така, за компаниите просечната камата за кредитите изнесува 4,85 проценти во јануари 2025 година, додека за граѓаните 5,55 проценти.
Компаниите во повеќе наврати укажуваат дека им недостигаат „мотивирачки“ кредити, или кредити што ќе го поттикнат растот.
– Бизнисот има потреба од пари секогаш за инвестиции и од она што го знаеме од анкетите ќе има инвестициски програми што чекаат на реализација. Заеднички банките со смалување на нивните редовни каматни стапки за инвестициски активности и државата со оваа помош треба да помогнат бизнисот да направи чекор и да не се срамиме веќе од бројките од 1,8 процент раст на БДП, туку да се дигне како што е предвидено на 3-4 отсто за да можеме да бидеме во рамноправна трка со сите. Вака со просек што е на ниско ниво 30 години практично ја загрозуваме иднината на нашите деца и не можеме да го спречиме процесот на иселување – укажа неодамна првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Е.Р.